Во Велес почина Ангел Петров, академски сликар и професор во пензија

– Во Велес синоќа во 19 часот почина Ангел Петров, академски сликар и професор. Посмртните останки ќе бидат изложени во црквата „Св. Пантелејмон“ во Велес утре од 11 до 12 часот по што ќе биде погребан на градските гробишта во оваа црква.

Петров во своето плодно 62-годишно сликарско творештво зад себе остави над пет илјади дела. Познат е по своите пејзажи, актови, коњи, портрети, старата велешка архитектура. Вечна инспирација му беа Гоце Делчев и Коста Солев Рацин на кои им посвети повеќе свои портрети.

Ангел Петров беше академски сликар и професор во пензија од велешката Гиманија „Кочо Рацин“. Роден e на 22 август 1933 година во Велес. Средно училиште завршил во Скопје кај професорите Личеновски, Мартиновски, Коџоман и Борко Лазовски. Во втора година од ова училиште бил награден како најталентиран од генерацијата. Образованието го продолжил во Белград во Академијата за применета уметност која ја завршил 1962 година во класата на професорот Винко Грдан.

Веќе во наредната 1963 година започнал самостојно да изложува за до денес, 2020 година има реализирано 58. самостојни ликовни изложби од кои 47 во државава и 11 во странство, како и учество во повеќе од 200 групни изложувања. Член е на ДЛУМ од 1967 година. Неговите дела се наоѓаат во многу музеи, галерии, приватни колекционери. Ги негува следните ликовни техники: масло, пастел, акварел, туш, акрилик и комбинирани техникa, успешно презентирајќи ja културата на својот град Велес и земјата.

Неговите дела освен во домашната колекција се наоѓаат и во многу јавни институции во градот и кај приватни колекционери.Тој има создадено над пет илјади дела.

Позначајни награди, признанија и благодарници: награда за најдобра „мртва природа“-1950 година -Скопје од Средно уметничко училиште од професорот Лазар Личеновски и благодарница – 1997 година -Велес по повод 120 години Гимназија „Koчо Рацин“. Потоа, орден на трудот со сребрен венец 1980 година-Белград. Спомен плакета „9 Ноември“ – 1998 год.-Општина Велес. Благодарница за донаторство -2000 година – Пула, Хрватска од Македонското друштво „Koчо Рацин”. Благодарница за донаторство -2000 година – Ријека, Хрватска од Македонското друштво „Илинден“. Тој е добитник и на највисоката општинска награда за животно дело за 2004 „Гемиџии“. Благодарници за донаторство-2005 година-Битола од Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух „KoчоРацин“, за донаторство – 2005 год. – Кочани од Галеријата „Бели Мугри“ за Денови на оризот, за донаторство-2005 година Велес од Народен Музеј (за портрет на Панко Брашнар). Благодарница по повод 45- годишен творечки јубилеј од МАНУ-2005 година и во 2007 година по повод 150 години Гимназија „Kочо Рацин” – Велес и многу други.

Кога во мај 2018 ја правеше својата 45 самостојна изложба во Ликовниот салон во Велес, а по повод 60 години творештво, тој за МИА изјави дека во неговото творештво ја бара светлината оти тоа е животот.

– Моите слики се со топли пријатни тонови. Музиката која многу ја сакам многу ми помага при моето творење, слушам и сликам. Сликите не се гледаат еднаш, туку повеќе пати бидејќи уметноста е горда и таинствена и треба да и посветиш многу време и постудиозно да работиш на неа, за полека да ти се откријат нејзините тајни. Ако сакаш наеднаш да поминеш низ неа ништо не си видел, рече Петров за своето творештво.

Многу генерации на велешки гимназијалци и од другите средни училишта на кои им предаваше ликовна уметност ќе го паметат по тоа како ги учеше да цртаат актови и да ја сакаат уметноста и таа да им биде дел од животот.

Back to top button
Close