Во Велес средба на американската амбасадорка Брнз со градоначалникот Аце Коцевски

 Градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски денеска оствари работна средба со амбасадорката на Соединетите американски држави во земјава Кејт Мари Брнз.

Како што информираат од Кабинетот на градоначалникот. средбата претставувала исклучителна можност за размена на идеи и можности за подобрување на долгогодишната соработка помеѓу Општина Велес и Амбасадата на САД.

Тие разговарале и за предизвиците со кои се соочуваат општините, за ресорите на системот на локална самоуправа и за продолжување на процесот на децентрализација на власта.

Воедно Коцевски се заблагодари на амбасадорката за искажаната загриженост во врска со штетите предизвикани од невремето што минатиот викенд зафати делови од територијата на Општина Велес.

Тие, воедно разговарале и за тоа колку за Општината е важно вложување во и реализација на проекти кои се иновативни и кои вклучуваат современи технологии.

Од двете страни било афирмирано долгорочното пријателство помеѓу двете земји и поддршката која САД ја дава преку својата Амбасадата во земјава на Општина Велес.

Градоначалникот Коцевски, меѓу другото, информирал и за тековната состојба на локалната економија и предизвиците со кои Општина Велес се соочува поради актуелната ситуација со Ковид-19 кризата.

Тој посочил дека општината и во услови на пандемија не застанува со реализација на проектите кои се од исклучително значење за подобрување на животот на сите жители на  општина Велес, посочувајќи ги приоритетите на општината за тековната, и за следната година

 

Back to top button
Close