Во Владата се прикажува драмата „Сомнително лице”

На времето кога некому не му одело според планираното, тетките и бабите велеле дека тоа е затоа што е урочен. Тоа значело дека некој душман му фрлил магија, или го погледнал накриво затоа што му завидувал на успесите и сакал да почне да го бие малер. Денеска таквите верувања се искоренети, или барем сакаме да мислиме дека се искоренети. Но од време на време се појавуваат и во модерна верзија. Како на пример дека некој човек, жена, организација, бизнис се мета на непријатели кои работат против нивниот успех и благосостојба.

Такви се и тврдењата на премиерот Христијан Мицкоски дека „центри на моќ работат оваа Влада да не успее“. Тие центри на моќ, вели тој, сакаат да ја видат „онаа Македонија од пред седум години, понижена, ограбена, со политичари кои се моделираат, со свиткани кичми“. Кои се тие моќници и од каде се, премиерот не сака да открие. Но лоцираше дека освен дома ги има и во странство. Затоа во Владата секој ден се прикажува драмата „Сомнително лице“. За министрите да знаат како да го препознаат кога ќе наидат на непријателот.

Некои би помислиле дека е тоа типична „вмровска приказна“ како оние во историското ВМРО кога праќале агенти за освета кон непријателите на каузата. Меѓутоа ставено во современ контекст и искажано од државен лидер кој според времето во кое живееме треба да биде модерен, малку звучи поинаку. Некако помпезно а истовремено и безидејно, ретроградно а наедно и очекувано. Кога на тоа ќе се додаде и информацијата што ја соопшти премиерот дека 20 лица дома се веќе под мониторинг, бездруго заслужува да биде и тема на политичко анализирање и опсервирање.

 

Предизборна муниција

Дискутабилно е сепак, дали е работа на премиер да открива во јавност дека безбедносни служби следат, прислушуваат или применуваат други оперативни мерки врз лица за кои постои сомневање дека работат против државата. Од друга страна, пак, воочливо е и дека неговото пледоаје за мотивите на божемните непријатели како да е препишано од партиските соопштенија на ВМРО-ДПМНЕ со кои ја бомбардираат јавноста од првиот ден на доаѓање на власт.

Затоа и неговиот настап изгледа како да е испален од предизборната муниција, со цел да се наметне нова афера за општонародна забава пред гласањето во октомври.

За време на Југославија тогашното комунистичко водство постојано во говорите велеше дека државата има внатрешни и надворешни непријатели кои сакаат да и го поматат успехот. Но, бодрењето на граѓанството со такви флоскули можеби успевало во тоа време, меѓутоа не и денес. Премиер кој триумфално раскажува дека прв стигнал во периметарот на претседателот Трамп, треба да знае дека во векот во кој живееме не се оди напред со детектирање на непријатели туку со детектирање на пријатели. Кои Северна Македонија сѐ помалку ги има.

Премиерот кога веќе ја отвора Пандорината кутија, должен е да каже кои се центрите на моќ од надвор. За внатрешните даде ишарет кои се, тоа е опозицијата. Ако надворешните не се во Кина, Америка и Блискиот Исток кон кои премиерот има афинитети, а сигурно не се ни во Будимпешта, тогаш останува да се во земјите на ЕУ- Германија, Франција, или соседите Бугарија и Грција. Мораме да шпекулираме кога веќе претседателот на Владата рече а не дорече.

 

Трубарево зад завеса

Можно е и таквите вербални егзибиции да имаат цел да го одвратат вниманието на граѓаните од пожарите што сеат болести и смрт. Над Трубарево полека се спушта завесата иако е еколошка катастрофа со разорни димензии. Лекарот – токсиколог д-р Андон Чибишев алармира дека почвата во и околу селото е затруена и дека таму не смее да се одгледуваат земјоделски производи за прехрана. Токсични се и земјоделските производи кои се затекнале во реонот за време на пожарот во фабриката за електронски отпад. Но не видовме акција од државата да ги заплени сите земјоделски производи и да им ги плати на производителите, а потоа да ги уништи со цел да не стасаат на зелените пазари во градот. Ниту пак е донесена забрана во следните две или три години да не се садат земјоделски култури за исхрана и прехранбена преработка. Никакви инспекции за таа цел не се задолжени да реферираат пред јавноста.

Претстојните избори ја запреа и онаа малку грижа што државата ја води за населението во кризни ситуации како што се пожарите. Скопјани никогаш нема да бидат сигурни дали земјоделските производи што ги купуваат на пазарите, не се од токсичното подрачје на Трубарево. Но затоа Владата агилно лови непријатели на нејзиниот успех. Иако, неспособноста на полицијата да држи контрола над критичните места кои се потенцијална мета на потпалувачите е сама по себе непријателски чин, бидејќи ја намалува довербата во институциите. Таков заплет не може да изрежира ниту највешт агент на тајните служби кои сакаат да ѝ наштетат на Владата.

Соња Крамарска

Back to top button
Close