Во земјотресите во Венецуела досега пронајдени најмалку 920 загинати лица, 3.300 се повредени
Бројот на жртви од двата земјотреси во Венецуела се зголеми на најмалку 920, изјави денеска претседателот на Националното собрание Хорхе Родригез, додека спасувачките напори продолжуваат два дена откако силните потреси ја погодија оваа јужноамериканска земја, јавува ДПА.
Бројот на повредени лица, исто така, продолжува да расте, сега изнесува 3.300, рече Родригез.
Два земјотреси со магнитуда од 7,2 и 7,5 степени и во период од само 39 секунди завчеравечер ја потресоа северна и централна Венецуела.
Властите стравуваат дека во катастрофалните протеси можно е да има илјадници мртви. Спасувачките екипи се тркаат со времето, а шансите за преживување на оние што се уште се заробени под урнатините се очекува брзо да се намалат по 72 часа.

Во државата Ла Гваира на карипскиот брег има огромни штети, но згради се урнаа и во главниот град Каракас и во други региони, потсетува ДПА.
Спасувачките операции се комплицирани од фактот дека Венецуела е една од најсиромашните земји во Јужна Америка, заглавена со години во тешка економска криза.
Меѓународни тимови за помош се распоредуваат во земјата за да помогнат во напорите за пребарување и да достават залихи.
Бројот на пријавени исчезнати лица на неофицијалната веб-страница каде што роднините можат да прикачат фотографии од своите најблиски моментално изнесува над 50.000. Не е јасно дали бројката е ажурирана бидејќи записите ги ажурираат самите корисници, потсетува ДПА.






