(Видео) Триесетина наши граѓани пристигнаа од Кабул во Скопје: Евакуацијата се одвиваше добро, не бевме под ризик
Триесетина македонски државјани вечерва пристигнаа на Меѓународниот аеродром во Скопје откако успешно беа евакуирани од Кабул, Авганистан каде талибанците ја презедоа целосната контрола во државата.
Меѓу нашинците кои вечерва пристигнаа во Скопје се лица кои работеле во Авганистан во воена база во близина на аеродромот во Кабул.
„Ние бевме во воената база, бевме под контрола на Армијата и тие нè повлекоа од Кабул во Катар, па преку Истанбул во Скопје. Безбедно бевме евакуирани и во ниту еден момент не бевме во ризик“, вели Реџепи Мехмет, нашинец кој работел во Авганистан, а е еден од 30те македонски државјанин кои вечерва пристигнаа безбедно на Меѓународниот аеродром во Скопје.
Неговиот колега, Газменд Арифи, изјави дека евакуацијата се одвивала добро организирано и во ниту еден момент не дошле во контакт со талибанците.
На координативниот состанок што се одржа попладнево во Владата од Министерството за надворешни работи информираа дека сите македонски граѓани се безбедно евакуирани од Авганистан и оти се очекува многу скоро сите да пристигнат дома во С Македонија.