Во Зимбабве уапсени познат новинар и опозициски лидер
– Полицијата на Зимбабве денеска уапсила угледен новинар и лидер на опозицијата во пресрет на антивладините протести планирани за крајот на месецот, соопштија нивните адвокати.
Новинарот Хопевел Чиноно има огромен број следбеници на Твитер, каде редовно објавува информации за наводна корупција во Владата.
Тој исто така го користи својот профил за да ги охрабри граѓаните на Зимбабве да зборуваат и да дејствуваат против корупцијата.
Неговата адвокатка, Беатрис Мтетва изјави дека е приведен во полициска станица во главниот град Хараре, но оти му е забранет пристап до адвокати.
Во притвор е и организаторот на планираниот протест за 31 јули, опозицискиот политичар Џејкоб Нгаривхуме, соопштија адвокати за човекови права на Зимбабве, кои му даваат адвокатски услуги.
Обвиненијата против двајцата приведени не се јасни, велат адвокатите.