Во Зрновци се спроведува граѓански форум од проектот „Зајакнување на општинските совети“

Локалната самоуправа на Зрновци ја реализираше третата форумска сесија со граѓаните, во рамки на програмата за подобрување на работата на општинскиот совет, а што се спроведува во девет општини во државата.

На работната средба пред граѓаните беа претставени целите на проектот „Зајакнување на општинските совети“, по што се разработуваа предлог идеи и решенија за проблемите од областа на социјалната инклузија.

– На оваа сесија се разгледаа петте предлог идеи кои на претходната сесија се најдоа на листата на можни проекти за реализација. Се работи за проектите за здрава исхрана во детската градинка, здрава исхрана и сензорна соба во ОУ „Синиша Стоилов“, инклузија преку игра во градинката, инклузија преку спорт и рекреација, како и формирање Мултифункционален центар во кој би биле вклучени пензионерски клуб, младински центар и канцеларија на Центарот за социјални работи. По образложението за сите пет предлози и по гласањето од страна на присутните, за наредната фаза се издвоија последните три. Од нив пак, треба да се избере најмалку еден како најприоритетен, за чија реализација во рамки на проектниот фонд се обезбедени 50 илјади швајцарски франци, истакна Благој Данев, координатор на проектот.

На 24 август ќе се одржи последната форумска сесија на која ќе биде избран приоритетниот проект, по што ќе следи период од шест месеци за негова реализација.

Со спроведувањето на форумот во заедницата, на граѓаните им се овозможува директно учество во процесот на донесување одлуки на локално ниво, како и за транспарентно и отчетно работење на општинската администрација и зголемување на довербата во локалната самуправа.

Проектниот форум се реализира со грант што го обезбедува Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), односно амбасадата на Швајцарија, а партнерски го спроведуваат УНДП и Општина Зрновци.

Back to top button
Close