ВОА: Вирусот ќе може да се стави под контрoла по 2021 година, рече Фаучи

Директорот на Националниот институт за алергија и заразни болести на САД Ентони Фаучи, рече дека светот никогаш нема да може да се ослободи од новиот коронавирус, кој зарази 18,8 милиони луѓе и предизвика 700.000 смртни случаи.

Во интервју за Ројтерс, Фаучи рече дека причината зошто вирусот никогаш нема да исчезне е оти многу лесно се пренесува. Сепак, според него, комбинацијата од вакцина и почитување на јавните здравствени мерки, ќе овозможи пандемијата да се надмине.

Тој смета дека светот ќе може да го стави под контрoла вирусот дури по следната година, нагласувајќи дека е претпазлив оптимист оти дотогаш ќе биде одобрена ефективна вакцина.

„Веројатно ќе имаме можеби десетици милиони дози вакцина на почетокот на следната година. Но, како што ќе влеземе во 2021 година, производителите ни велат дека ќе имаат стотици милиони, веројатно и милијарди дози до крајот на 2021“, рече Фаучи.

Неговата прогноза за ковид-19 се совпаѓа со најавата на фармацевтскиот гигант „Џонсон енд Џонсон“, кој соопшти дека склучил договор со Владата на САД од над една милијарда долари, да обезбеди 100 милиони дози вакцина.

Њујорк тајмс објави дека речиси 400 водечки здравствени експерти во државата бараат Администрацијата за храна и лекови да спроведе целосна проверка на безбедноста и ефективноста на потенцијалните вакцини против ковид-19, пред да ги направи достапни за јавноста.

Тие предупредуваат дека „ефективна вакцина ќе биде вистински корисна само ако голем дел од населението би сакало да ја прими“.

Во меѓувреме, пак, сојузната држава Вирџинија е прва во САД која промовираше нова телефонска апликација, која ќе ги известува граѓаните за можна изложеност на коронавирусот.

Back to top button
Close