Водат ли Делчевските ниви до Белиот дворец и Мицковски- СДСМ вели да ВМРО ДПМНЕ негира

Случајот „Делчевски ниви“, за кој вчера Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава, допира до ВМРО-ДПМНЕ, но сепак не „влегува“ во белиот дворец на партијата. Имено, сите седумина осомничени имаат некаква поврзаност со партијата, но сепак Управата не успеа да ја докаже шпекулацијата дека со парите од продажбата на нивите се финансирала политичка партија.

Во случајот осомничени се двајца управители на „ЕВН Електрани Македонија“, Игор Гиевски и Мирослав Митровски. Како што дознава „Фокус“, Гиевски, кој е поранешен претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, бил разрешен од позицијата пред околу 3 месеци, а Митровски, кој е син на поранешниот градоначалник на Ѓорче Петров, Сокол Митровски, се уште е вработен.

Меѓу осомничените е и Дарко Тодоровски, кој е поранешен советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во Делчево, како и Орце Тодоровски -Ефто, кој важи за близок на лидерот Христијан Мицкоски. Има и еден брачен пар, Влатко и Марија Илиевски. За Илиевски владејачката партија тврди дека му е телохранител на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски. Со кривичната пријава е опфатен и Дарко Ќурчиски кој поседува бензинска пумпа во Делчево.

Од СДСМ и понатаму тврдат дека случајот води до Мицкоски.

-Случајот „Криминални плацеви“ води директно до Христијан Мицкоски и функционери на ВМРО-ДПМНЕ за кои јавноста беше информирана пред локалните избори, добива епилог. Денес пред законите сите се еднакви, секој кој сторил кривично дело мора да одговара, велат од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак го тврдат спротивното.

-Но ниту првиот и омилен директор на финансиска полиција на СДСМ, ниту првиот и омилен обвинител на СДСМ, ниту пак првиот полицаец и министер за внатрешни работи на СДСМ не најдоа никаква поврзаност иако четири месеци има било каква вмешаност, порача вчера Димче Арсовски.

Според истрагата, парцелите биле продадени на ЕВН Електрани по цена од околу 800 денари за метар квадратен, а сопствениците на земјиштето само три недели претходно го купиле по цена од 15 до 20 денари за метар квадратен.

Back to top button
Close