Водата во Гостивар е безбедна за пиење, тврди Комуналното претпријатие

Преку известување на социјалните мрежи, Јавното претпријатие „Комуналец“ од Гостивар објави дека водата во градот е безбедна за консумирање.

Во испитувањето за исправноста на водата се вклучи и Центарот за јавно здравје, откако минатиот петок беше забранета за пиење, поради наоди за зголемено присуство на манган, над максимално дозволените концентрации, според анализите на приватна лабораторија, која беше ангажирана од Комуналното претпријатие.

„Според анализите од лабораторијата на Јавната здравствена установа-Скопје за бактериолошката и физичко-хемиската состојба на водата, потврдено е дека водата во нашиот град е безбедна за пиење“, изјавија од ЈП “Комуналец” Гостивар.

Неколку недели жителите на Гостивар купуваа вода за пиење и готвење, зашто водата од градскиот водовод беше забранета во два наврати. На крајот на септември поради присуство на бактерии и минатиот петок поради зголемени концентрации на манган.

Back to top button
Close