Водата во Струга и натаму не е исправна за пиење – покажале последните анализи на ИЈЗ
Водата во Струга и натаму не е исправна за пиење. Ова го покажале последните анализи направени од страна на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). За нив денеска информира директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска.

„Имаше отстапување на еден од параметрите, тоа е параметарот за матност и по однос на него, согласно правилниците, во тој примерок што го анализиравме, водата не беше исправна“,
изјави Андоновска на денешната прес-конференција во Институтот.
Директорката на ИЈЗ рече дека испитувањата на примероците од водата во Струга се едни од последните што деновиве ги направил Институтот, а резултатите, како што рече, се испратени до соодветните институции и за нив се информирани Министерството за здравство и Агенцијата за храна и ветеринарство.
На вонредната седница на Советот на Општина Струга на 19 февруари, струшкиот градоначалник Менди Ќура рече дека ископувањата направени околу изворите во селото Шум се главната причина за матноста на водата од која се снабдуваат Струга и околните села. За состојбата и незаштитата на изворите ги обвини своите претходници.
Водата од струшкиот водовод од почетокот на февруари годинава е забранета за секаква употреба поради висока заматеност. Во врска со случајот предмет отвори Основното јавно обвинителство Струга, кое ќе ги испитува причините за појавата и евентуално сторените кривични дела против животната средина и природата.






