Водич за политики на промоција на дијалог и медијација при превенција на геноцид и други масовни злосторства

Неодамна, во пресрет на меѓународното бележење на 9 декември, Меѓународниот ден за комеморација на жртвите на геноцид и превенција на ова злосторство, Канцеларијата при Обединетите нации за Превенција на геноцид го објави документот Водич за политики на промоција на дијалог и медијација при превенција на геноцид и други масовни злосторства. Водичот е достапен на овој линк: https://www.un.org/sites/un2.un.org/files/mediation_and_dialogue_for_genocide_prevention.pdf

Овој документ е продукт на напорот и идејата на OSAPG (United Nations Office on the Prevention of Genocide) и Специјалната претставничка Алис Ндерити – да се унапреди способноста и ефикасноста на Обединетите нации за посредување и развивање на дијалог, и со тоа превенција во социјалните ситуации на конфликти на идентитети кои можат да водат до геноцид.

Водичот за политики е директен резултат на соработка со проф. Љубомир Фрчкоски, тогаш Амбасадор на Северна Македонија во Обединетите нации во Њујорк (кој и го драфтираше документот) и OSAPG, заедно со суштинскиот придонес на експерти во областа – чии идеи и конструктивни предлози беа елаборирани на два онлајн состанока и една конференција во Кигали, Руанда.

Овој документ во својата архитектура е насочен кон организација на знаење и вештини за создавање медијаторски тимови и тренинг на медијатори, во конфликти на идентитети, со цел воспоставување на дијалог и превенција на ескалација на конфликтите. На таа линија, Водичот содржи 12 препораки кои се организирани околу темите на стручност на медијаторите, инклузивност на тимовите и акцент на родовата застапеност во нив, селекција на локалните актери-учесници на медијаторските тимови, кои се бираат врз основа на репрезентација и ранливост, како и квалитетите на знаењето, вештините и пристапот во градење на доверба и процесирање на дијалогот и превенцијата преку посредување меѓу судрените страни.

Водичот за политики има потенцијал да прерасне во важен инструмент – алатка за стекнување знаење и вештини на медијаторите (дипломати, експерти од НВО, академици и др.), како и подготовка на UN телата за давање услуги во различни делови на светот соочени со ваков вид конфликти на идентитети.

Овој документ требаше да биде документ кој ќе биде усвоен на конференција во Охрид, Северна Македонија, со што државата ќе се здобиеше со ретка (историска) можност да има документ со наслов Ohrid policy guidance, што на најдобар начин трајно ќе ја афирмираше и нејзината позиција и политика во Обединетите нации. За жал тоа властите во Македонија не го препознаа и ја испуштија можноста.

Back to top button
Close