„Водовод и канализација“ повторно апелира за рационално користење на водата од градскиот систем

ЈП „Водовод и канализација“ упати апел до граѓаните за сериозен и рационален пристап кон користењето на вода поради високите температури и зголемената потрошувачка. Од претпријатието информираат дека е забележано намалување на издашноста на изворот Рашче.

Во апелот се нагласува дека граѓаните треба да се воздржат од полнење базени, наводнување на поголеми зелени површини, како и полевање ниви и бавчи со вода од градскиот водоводен систем. Целта е да се обезбеди нормално водоснабдување во сите делови на градот.

И покрај претходните апели, ЈП „Водовод и канализација“ регистрирало голем број случаи на нерационално користење на вода. За таа цел, контролорите на претпријатието секојдневно се на терен и веќе забележале такви прекршоци на неколку локации. Акцијата ќе продолжи и во наредниот период со цел да се заштити водата за пиење од злоупотреба и нерационално користење.

ЈП „Водовод и канализација“ ги повикува граѓаните кои имаат информации за злоупотреба на системот преку диви приклучоци или истекување на вода да ги пријават на телефононскиот број 02 3073 010 на Дежурно-информативниот центар, на емаил адресата [email protected] или на веб-страница www.vodovod-skopje.com.mk.

Back to top button
Close