Воените донации за Украина чинат 30 милиони евра, а од САД добивме нови 139 милиони долари помош – вели министерката за одбрана


Министерката за одбрана Славјанка Петровска вели дека земјава за помалку од една година од САД добила 139 милиони долари директна финансиска поддршка за одбраната, што е неколкукратно повеќе од вредноста на она што земјава досега ѝ го донира на Украина. Овие пари, вели Петровска, ќе се користат за реализирање на планот за модернизација на нашата армија.

„Тие се во поддршка на планот за модернизација на нашата армија, односно сето она што е предвидено и за оваа година и за наредните години. Таа финансиска поддршка е во неколку наврати одобрена од страна на властите во САД. Тимот во Министерството, односно од генералштабот, заедно со партнерите од САД работат на тоа каде и во кој временски период тие средства ќе бидат користени и – да, во поголем дел планот е да се користат за покривање на проектите кои веќе се започнати за модернизација, набавката на лесните оклопни транспортери и слично“,
вели Петровска.

Инаку, според министерката, донациите на воена опрема за Украина ја чинат земјава 30 милиони евра, но таа опрема е на истекот на векот на нејзиното користење, па доколку не се донира, за краток период би требало да се уништи и за тоа да се плати.

„Сета опрема што досега беше донирана на Украина, ним им е потребна и е опрема за која украинската армија поминала обуки, односно е вешта во користењето“,
рече министерката Петровска.

Back to top button
Close