Воените донации за Украина чинат 30 милиони евра, а од САД добивме нови 139 милиони долари помош – вели министерката за одбрана

На следната седница на Владата, која треба да се одржи наредната среда, ќе предложам донесување одлука со која Република Северна Македонија ќе донира 12 хеликоптери „ми-24“ на Република Украина, вели министерката за одбрана Славјанка Петровска во интервју за „360 степени“ на ТВ Алсат.

Анализата на барањето од Украина за донирање ваква опрема што ја правел тим од генералштабот на Армијата денеска била доставена до Петровска и во неа е содржана позитивна препорака, рече таа. Поради сензитивноста на темата, одлуката за тоа кога и на каков начин тие ќе бидат транспортирани во Украина, ќе остане класифицирана.

„За претходните одлуки и за новата, секогаш се согледуваат безбедносните ризици – дали ги има и во колкава мера. Со оглед на анализите кои досега се направени и сознанијата кои ги имаме од безбедносен аспект, можеме да ја соопштиме оваа одлука“,

вели министерката за одбрана прашана дали открива класифицирана информација.

Хеликоптерите „ми-24“ што ќе ги донира земјава се од руско производство и се набавени токму од Украина во 2001 година, но за нив уште пред 8 години, според Петровска, се истечени ресурсите, односно не се користат поради недостаток на резервни делови и слично.

„Некои од нив се модернизирани – односно два, меѓутоа таа модернизација била приспособена на тие услови тогаш и апсолутно не соодветствува со она што е потребно сега, па дури и ако сакаме да зборуваме за развој на технологиите“,кажа Петровска.

Каква полза има Украина од „неупотребливи“ хеликоптери?

Министерката Петровска вели дека борбените хеликоптери ѝ се потребни на украинската армија за изведување различен вид операции и борбени активности во актуелниот контекст и дека таа има капацитет да ги стави во функција.

Од друга страна, вели министерката за одбрана, доставената опрема не е предвидено да постои согласно нашиот Стратешки одбранбен преглед во формацијата на Армијата.

Иако ова ќе биде осма одлука за донација на Украина, Петровска вели дека борбената готовност на нашата армија не се доведува во прашање и државата прави анализи и оценки за тоа дали има закани или не врз безбедноста пред да се донесе каква било одлука.

„Прашањето за тоа дали се намалува борбената готовност на Армијата се поставува сосема очекувано и оправдано, меѓутоа одговорот е дека не се намалува. Без оглед на тоа што ќе биде побарано од, во овој случај, Украина, и во кои било други прилики од страна на кој било друг сојузник или партнер на нашата држава да дадеме или донираме опрема или вооружување, доколку со тоа се намалува борбената готовност на нашата армија, ние нема да донесеме таква одлука“,вели министерката Петровска.

Според проценките на властите, донациите на воена опрема и вооружување за Украина ја чинат државава околу 30 милиони евра, сума во која не се засметани хеликоптерите кои допрва треба да се донираат.

 

Back to top button
Close