Волгоград


Почитувани читатели, денешната колумна ја посветувам на Волгоград, поранешниот Сталинград.
Кометал-Ѓорче Петров беше перманентно во Лигата на шампиони со две руски екипи, екипите на Волгоград и Тољати.
Со екипата на Волгоград имавме добри релации, нѐ красеа фер меѓу клупски односи. Ракометниот терен беше поле за спортска борба на вистинските вљубеници на ракометот но за време на натпревар пријателствата прекинуваа пред заедничките амбиции на двете екипи, да бидат европски прваци.
Секако амбициите не беа голи, беа поткрепени со енергични екипи на ракометарки, кои со своите настапи ги пленеа љубителите на овој спорт.
Голем пријател на клубот и на цела Македонија беше долгогодишниот тренер на женската ракометна екопа од Волгоград, господинот Акопјан . Беше воодушевен од желбата, така малечка држава како Македонија, да се стекне со шампионска титула.
Несомнено Акопјан многу ни помогна со ангажирањето на ракометарки од Руската федерација.
Денес, за жал, господинот Акопјан не е меѓу живите, но жива е мислата и влогот во Кометал-Ѓорче Петров, неговата втора љубов, после првата, ракометниот клуб Волгоград.
Тој лично има заслуга што бекот Бујанова и крилото Малахова беа ангажирани од страна на Кометал-Ѓорче Петров. Овие две ракометарки се вклопија во шампионската екипа на Ѓорче Петров со максимален учинок кој го дадоа на терен.
Акопјан беше првиот човек кој ни ја честиташе шампионската титула во 2002 година.
За натпреварите кои се одигруваа во Волгоград, секогаш ангажиравме авион за цирка 150 патници, меѓу кои огромен дел беа навивачката група Комити.
При средбата 2002 година, патувањето во Волгоград беше збогатено и со музички состав преку кој, ние Македонците, на многу автентичен начин им го доловивме и нашиот стил на живеење. Преку музика и забава, во хотелот каде што бевме отседнати, Македонците на Русите им пренесоа делови од својата богата културна традиција, токму пред спортските натпревари. Домаќините прв пат се сретнаа со ракометен клуб кој носи навивачи и музика со себе.
Натпреварот кој се одигра во салата на Волгоград заврши со победа на домаќините . Меѓутоа, гол разликата која што Ѓорче ја имаше во првиот меч, овозможи да поминеме во следната фаза на натпреварување. После мечот домаќините нѐ испратија со типична руска закуска. Огромна количина на месо и месни производи, зарзават, тестени и др. производи беа залиени со руска вотка, виновна за доброто расположение кое ја красеше дружбата. Да биде појасно, во Русија се пие вотка во чаши од 180-200 милилитри, кои ние ги користиме како чаши за вода. Е, на овој меч, ние Македонците паднавме од прва!
Топлината која ја почувствувавме од домаќините беше многу спонтана и силна. Секогаш при нивното доаѓање во Скопје ние се трудевме да им возвратиме на автентично македонски начин, со љубов и топло гостопримство.
Сакам да споменам две клучни работи за градот Волгоград. За време на Втората светска војна, Германците го претрпеа првиот пораз токму во битката за Сталинград, денешен Волгоград. Го посетивме крајбрежјето покрај реката Волга, кое повеќе наликува на отворено море, а домаќините ни го покажаа местото каде се воделе најжестоките борби меѓу Германците, нивните сојузници и Советите.
Стратешкото место на реката Волга од само 6 хектари земја е гробница на повеќе од два милиони војници. Официјално во битката за Сталинград има загинато три милиони војници од двете страни, но руската страна има двојно повеќе жртви.
Подигнатиот споменик со височина блиску двесте метри и мовзелејот поставен под самиот споменик на мајка Русија, говори многу за жртвите кои овој народ ги има дадено во Втората светска војна за ослободување од фашизмот. Во мовзолејот се запишани сите имиња на загинатите советски војници, меѓутоа фрапантен е податокот дека 2/3 од загинатите советски војници се забележани без имиња.
Споменикот се вика „Мајка Русија”, преку кој советската војска во одбрана на својата територија го покажа патриотизмот како највисок дострел на самата држава. Токму преку неидентификуваните загинати војници закопани без имиња, кои го дале животот за ослободување на својата земја, секој сентиментален човек може да ја почувствува траорноста на војната.
Почитувани читатели, убеден сум дека не само јас , туку и многумина од луѓето со кои заедно патувавме, ја делат истата импресија дека овој народ заслужува длабока почит, не само за патриотизмот туку и за начинот како се охрабрувале пред секој воен напад. Замислете, кочан ладна зима без храна, но со половина литар вотка за секој војник пред секој напад на советската армија. После испиената вотка шинелот бил вишок, а смелоста на претек. Волгоград има историја за респект.

Back to top button
Close