„Волшебниот Моцарт“ за старт на серијалот „Мајски концерти“ на Националната опера и балет

Националната опера и балет традиционално во мај го организира меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Поради пандемијата на коронавирусот, оваа година фестивалот нема да се одржи, но во негово одбележување, Националната опера и балет ќе одржи серијал на концерти насловени „Мајски концерти“.

-Настаните ќе се емитуваат онлајн на ЈуТјуб каналот на Националната опера и балет, а дел од нив и на Телевизија 24, како и со надеж дел од настаните да се одржат со присуство на публика, согласно препораките на Комисијата за заразни болести, информира Националната опера и балет.

Прв во серијалот од „Мајските концерти“ Националната опера и балет го најавува гала оперскиот концерт „Волшебниот Моцарт“ кој ќе биде емитуван на 9 мај со почеток во 20:00 часот, на официјалниот ЈуТјуб канал.

Концертот се емитува по повод 230 години од смртта на музичкиот великан Волфганг Амадеус Моцарт, еден од најгенијалните композитори во историјата на класичната музиката. Неговиот опус е грандиозен и безвремен, со огромно влијание врз музичкото творештво на многумина знаменити композитори по него во минатото и денес.

На гала оперскиот концерт ќе бидат изведени арии од делата „Дон Џовани“, „Волшебната флејта“ и „Свадбата на Фигаро“ и „Грабнување од сарајот“.

Диригенти се Бисера Чадловска и Иван Еминовиќ. Настапуваат солистите Наде Талевска Спасовска како сопран и Владимир Саздовски, бас во придружба на оркестарот на Националната опера и балет. Режисер е Трајко Јордановски, концерт мајстор Климент Тодороски.

Следни настани се два оперски рецитала на 17 и 20 мај, на 23 мај ќе се одржи хорски концерт, на 27 мај ќе се емитува „Романтична балетска вечер“ , премиерата на „Игри на животот“ е закажана за 28 мај и на 31мај ќе се прикаже Аида на платото „ Мајка Тереза“, пред Националната опера и балет.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close