Вон контрола пожарите на грчкиот остров Хиос и во северозападниот дел на Пелопонез

 

Над 60 лица со помош на чамци и бродови се евакуирани од две плажи во северозападниот дел на грчкиот остров Хиос каде што пожарот е вон контрола, а слична е ситуацијата и во регионот Ахаија на Пелопонез во околината на градот Патра, каде што се евакуирани низа населени места, а пожарникарите водат битка со огнените јазици и на Закинтос и во близина на Превеза, јави дописничката на МИА од Атина.

Вечерва, како и во текот на денешниот ден, низа пораки за евакуација од бројот 112 за итни случаи беа испратени на оние кои се во близина на пожарите во Ахаија, кај Превеза и на Хиос.

Во северозападниот дел на Пелопонез активни се три жаришта во околината на Патра, огнените јазици ја зафатија индустриската зона и изгореа бизниси, беа евакуирани голем број населени места како и вработените и двајца пациенти во Здравствениот центар што е во непосредна близина.

Министерството за климатски кризи и цивилна заштита на Грција отвори специјална онлајн платформа во соработка со Министерството за туризам и Комората на хотелиери за оние кои ги напуштија нивните домови во поширокиот регион на Ахаија, да можат да се пријават и да им биде обезбедено привремено сместување.

Поради пожарот, во прекин е сообраќајот на автопатот од Патра до Пиргос во западниот дел на Пелопонез, а од Крајбрежната служба на Грција информираа дека во состојба на готовност се нивни бродови и чамци доколку е потребна евакуација на граѓани по морски пат.

Ваква евакуација веќе беше спроведена на Хиос, каде што од две плажи со приватни чамци и брод на крајбрежната служба на безбедна локација, далеку од огнената стихија беа префрлени 63 лица.

Министерот за здравство на Грција Адонис Георгиадис информираше дека болницата на Хиос е во состојба на готовност, помош побарале две лица со респираторни проблеми и еден пожарникар со болки во грбот по пад, а паралелно за дополнителна помош од 20:30 часот отворен е и здравствениот центар на островот.

Активни се и пожарите на Закинтос, каде што според државната телевизија ЕРТ, огнената стихија е проширена на над 20 километри, како и во близина на градовите Арта и Превеза.

Според министерот за здравство на Грција евакуиран е Здравствениот центар Теспротико, во близина на градот Арта

Како што претходно објави МИА портпаролот на противпожарната служба на Грција Василис Ватракојанис попладнево информираше дека само во текот на денешниот ден избувнале 63 пожари, а Грција побарала помош од европскиот механизам за цивилна заштита да бидат испратени четири противпожарни авиони.

Back to top button
Close