Вонреден состанок на министрите за надворешни работи на Арапската лига во Истанбул за Иран и Израел

Министрите за надворешни работи на Арапската лига одржаа вонреден состанок во Истанбул за ескалацијата на конфликтот меѓу Израел и Иран, потврдија дипломатски извори.

Состанокот беше организиран на маргините на 51-та сесија на Советот на министри за надворешни работи на Организацијата за исламска соработка (ОИС), што ќе се одржи денеска во Истанбул, а беше затворен за јавноста и траеше околу еден час, објави Анадолу.

Како што дознава агенцијата, главна тема на состанокот беше израелскиот воздушен напад врз Иран на 13 јуни, како и ескалацијата на настаните што произлегоа од иранската одмазда.

На состанокот присуствуваа шефовите на дипломатиите на земјите-членки на Арапската лига кои веќе беа во Турција за сесијата на ОИС.

Домаќин на претстојните состаноци ќе биде турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан, додека се очекува претседателот Реџеп Тајип Ердоган да присуствува на самитот на ОИС денеска во Истанбул.

Според организаторите, овогодишната сесија на Советот на министри на ОИС собира рекорден број учесници, вклучувајќи 43 министри за надворешни работи и пет заменик-министри, што укажува на важноста на моменталната геополитичка ситуација и зголемениот интерес на исламските земји за координирање на ставовите.

Како што објавија иранските медиуми, иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, исто така, отпатува на состанокот со дипломати од Арапската лига.

-На овој состанок, по предлог на Иран, особено ќе се разгледа прашањето за нападот на ционистичкиот режим врз нашата земја, рече Арагчи.

Тој претходно изјави дека Техеран е подготвен да „преиспита дипломатија“ само ако агресијата на Израел престане.

Се очекува турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан, да ги повика муслиманските земји да се обединат во услови на „дестабилизирачки дејствија“ низ целиот регион.

Организацијата за исламска соработка, или Арапска лига, вклучува 57 земји-членки и долго време служи како политички и дипломатски форум за муслиманските земји.

Back to top button
Close