Возач удрил во возила, контејнери и семафор во Скопје

Полицијата денеска информира за случај од петокот во кој 52-годишен државјанин на Косово со привремен престој во Арачиново со возило удрил во неколку паркирани возила и контејнери, по што удрил и во семафор и во уште едно возило во движење.
– На 26.12.2025 во 12:30 часот во СВР Скопје е пријавено дека на ул.„Григор Прличев“ во Скопје, патничко возило „сеат“ со скопски регистарски ознаки, управувано од С.Р.(52) од Косово, со привремен престој во село Арачиново, скопско, удрило во три паркирани возила – „цитроен“, „шевролет“ и „пежо“, сите со скопски регистарски ознаки, во три контејнери и во патничко возило „сузуки“ со скопски регистарски ознаки во движење, управувано од А.Ј.(24) од Скопје, по што продолжил со движење и на крстосница од бул.„Крсте Петков Мисирков“ со бул.„Гоце Делчев“ удрил во семафор и во уште едно патничко возило во движење „ауди“ со скопски регистарски ознаки, управувано од С.Г.(29) од село Долно Лисиче, скопско, информира денеска полицијата.
Во несреќата, со тешки телесни повреди се здобил возачот С.Р., констатирани во Ургентниот центар при Комплексот клиники „Мајка Тереза“ Скопје.






