Возел 212 км/ч на автопатот Скопје–Штип
Три лица се лишени од слобода, а четири возила се одземени во засилена акциска контрола што ја спроведе Министерството за внатрешни работи, со фокус на санкционирање на возачи кои ја надминуваат дозволената брзина.

Контролата, спроведена на 5 април во периодот од 13 до 19 часот, опфати повеќе патни правци, при што биле регистрирани сериозни прекршоци.
На автопатот Скопје–Штип, со специјално возило „пресретнувач“, измерена е брзина од 212 километри на час кај патничко возило „ауди“, што значи надминување на дозволената брзина за повеќе од 80 километри на час.
На регионалниот пат Куманово–Крива Паланка, пак, евидентирана е брзина од 182 километри на час, на делница каде ограничувањето е 80 километри на час.
Дополнително, на патот Арнакија–Глумово одземено е товарно возило „мерцедес“, откако било утврдено дека возачот управувал со истечена сообраќајна дозвола, која важела до 2010 година.
Во рамки на акцијата изречени се 14 мерки за пречекорување на брзината надвор од населено место, како и уште четири други сообраќајни прекршоци.
Од МВР информираат дека три лица се лишени од слобода по член 297-а од Кривичниот законик – две поради екстремно пречекорување на брзината, а едно лице поради управување возило без важечка возачка дозвола.
По целосно документирање на случаите, против сите сторители ќе бидат поднесени соодветни прекршочни и кривични пријави.
Од полицијата апелираат до возачите да ги почитуваат сообраќајните правила, потенцирајќи дека брзото возење е една од главните причини за тешки сообраќајни незгоди со сериозни последици






