(Вознемирувачка содржина) „Руски војници ме силуваа и го убија мојот сопруг“

Русите се повлекоа од областа околу Киев, но зад себе оставија оштетени животи на луѓе кои можеби никогаш нема да закрепнат од траумата.

Би-Би-Си го ислуша сведоштвото од прва рака и најде докази дека Украинките биле силувани од армијата што ја извршила инвазијата.

Во тивка, рурална област 70 километри западно од Киев, разговаравме со 50-годишната Ана.

Нејзиното име го сменивме за да го заштитиме нејзиниот идентитет. Ана ни кажа дека била дома со сопругот на 7 март кога упаднал странски војник.

„Под закана со оружје ме одвлече во блиската куќа. Ми нареди: „Соблечи се или ќе те пукам“. Тој упорно ми се закануваше дека ќе ме убие ако не постапам како што рече.

А потоа почна да ме силува“, рече таа.

Ана го опиша напаѓачот како млад, слаб чеченски борец лојален на Русија.

„Додека ме силуваше, дојдоа уште четворица војници. Мислев дека сега навистина сум готов. Но, тие го одведоа. Никогаш повеќе не го видов“, рече таа. Верува дека била спасена од друга единица руски војници.

Ана се вратила дома и го пронашла својот сопруг застрелан во стомакот.

„Се обиде да трча по мене за да ме спаси, но беше покосен од куршуми“, вели таа.

Не можеле да го однесат сопругот во болница поради борбите што се воделе. Два дена подоцна им подлегнал на повредите. Ана не престана да плаче додека ја раскажуваше својата приказна. Таа и нејзините соседи го закопале сопругот во дворот на нивниот дом. Во предниот дел на гробот поставен е висок дрвен крст.

Ана ни кажа дека е во контакт со локалната болница и дека добива психолошка помош.

Војниците кои ја спасиле останале во нејзината куќа неколку дена. Вели дека и впериле пушка и барале да ги предаде работите на нејзиниот сопруг.

„Кога заминаа, најдов дрога и вијагра. Се дрогирале и често биле пијани. Повеќето се убијци, силувачи и разбојници. Само неколку беа во ред“, рече таа.

Низ улицата  на Ана слушнавме уште една морничава приказна.

Наводно една жена била силувана и убиена, а соседите велат дека тоа го направил истиот човек кој ја силувал Ана, пред да отиде кај неа.

Таа жена беше во четириесеттите години. Била изнесена од куќата, велат соседите, и држена во спалната соба на блиската куќа, чии станари се евакуирани кога започнала војната. Убаво уредената соба, со украсни тапети и кревет со златна рамка, сега е вознемирувачко место на злосторството. На јорганот и душекот има големи дамки од крв. Во аголот е огледало на кое е напишана порака со кармин:

„Ја мачеа непознати лица, ја погребаа руски војници“.

Пораката која ја оставиле руските војници
Пораката која ја оставиле руските војници

Оксана, соседка, ни кажа дека таму ја оставиле руски војници кои го пронашле телото на жената и ја закопале.

„Руските војници ми кажаа дека била силувана и дека грлото и било или исечено или избодено и дека искрварила до смрт. Рекоа дека имало многу крв“. Жената е погребана во гроб ископан во градината на куќата. Ден по нашата посета, полицијата го ексхумираше телото за да го истражи случајот. Телото беше пронајдено без облека и со долга, длабока расекотина по вратот.

Андриј Небитов, шеф на полицијата во регионот на Киев, ни кажа за друг случај што се истражува во село на 50 километри западно од Киев.

Тричлено семејство – брачна двојка на возраст од триесет години и нивното мало дете – живееле во куќа на периферијата на селото.

„На 9 март неколку руски војници упаднале во куќата. Мажот се обидел да ги заштити сопругата и детето, па го убиле во дворот. Потоа двајца војници повторно и повторно ја силувале жената. Оделе и се враќале. Три пати се враќале да ја силуваат. Тие и се заканувале доколку се спротивстави дека ќе го повредат момчето. За да го заштити не се  спротивставувала –  рече Небитов.

Кога си заминале војниците ја запалиле куќата и ги убиле семејните кучиња.

Жената побегнала со синот и ја контактирала полиција. Небитов вели дека неговиот тим се сретнал со неа и зел нејзина изјава. Моментално собираат докази во семејниот дом – останата е само печката. Во неговите јагленисани урнатини можат да се најдат само неколку знаци на претходниот мирен, обичен живот – детски велосипед, кадифено коњче, поводник за кучиња и машки зимски чевел со крзно.

Сопругот соседите го погребаа во градината. Полицијата го ексхумираше неговото тело за анализа и планира случајот да го однесе пред меѓународните судови.

Украинскиот омбудсман за човекови права Људмила Денисова вели дека документирале неколку такви случаи.

-Околу 25 девојки и жени на возраст од 14 до 24 години биле систематски силувани за време на окупацијата во подрум на куќа во Буча. Девет жени се бремени.Руските војници им повторувале дека ќе ги силуваат се додека не сакаат повеќе сексуален контакт со маж, за да ги спречат да раѓаат украински деца – рече таа.

Таа вели дека добиле неколку повици на телефонските броеви за помош – како и дека добивале информации преку каналите на апликацијата за пораки Телеграм.

-Ни повика 25-годишна жена да ни каже дека нејзината 16-годишна сестра била силувана на улица пред нејзините очи. Раскажа дека цело време викале: „Ова ќе и се случи на секоја нацистичка проститутка“ додека ја силувале нејзината сестра – вели Денисова.

Прашавме дали е можно да се процени обемот на сексуалните злосторства извршени од руските војници за време на окупацијата.

„Во овој момент тоа е невозможно бидејќи не сите се подготвени да ни кажат што му се случило. Повеќето луѓе бараат психолошка помош, па не можеме да го евидентираме како кривично дело додека не ни дадат изјава“, вели Денисова.

Таа вели дека Украина сака Обединетите нации да формираат специјален суд за да му суди лично на Владимир Путин под обвинение за воени злосторства, вклучително и силување.

„Сакам да го прашам Путин зошто се случува ова“, рече Ана, жена која ни кажа дека била силувана.

“Не разбирам. Не живееме во камено доба, зошто не можеме да преговараме? Зошто нè окупира и убива?“

извор: BBC
превод: Либертас

 

 

Back to top button
Close