Вознемирувачко видео: Куче принудено да скокне од седми кат во Тетово

Здружението за заштита на животните Анима Мунди објави грозоморно видео од Тетово во кое куче, немајќи каде, скока од седми кат сред бел ден пред очи на граѓаните.

„Безумие и суровост која не знае за граница – во Тетово, бездомно куче фрлено од седми кат од зграда. Среде бел ден, на очи на граѓани, комшии и минувачи кои масовно ни пријавуваат и се во шок. Во зграда во изградба во која залутало несреќно бездомно куче, инвеститорот со помош на пожарникари , со стап и покрај сетто плачење на бездомното животно, го присилиле да рипне од седми кат, зошто немало како и каде да избега. Видете го кучето, слушнете го плачењето негово на ова видео, умира во страотни маки по 20 минути агонија на крвавиот асфалт. Локацијата е карши пицерија Јани во Тетово“,објави здружението.

Граѓани кои вртеле и пријавувале во полиција, на бројот 112, се потсмевани и им е спуштена слушалка, тврдат тие.

 

„Дали во Македонија владее колективно лудило и безредие и ова ќе биде само еден во низата фрапантни случаи на насилство кои ќе помине неказнето, или конечно некој ќе се одважи и постапи, изврши истрага и додели казна затвор за екстремна свирепост и мачење и убиство на животно?! Бараме МВР итно да ги лоцира и приведе сите инволвирани во убиството на ова куче, изрече затворска казна и внатрешна контрола – итно да се лоцираат полициските и други службеници на линијата 112 кои ова злодело го изигнорирале и одбиле да постапат. Работи ли и за кого работат службите на оваа држава , прашуваме! До кога ќе се преправаме дека ништо не се случува, до кога ќе се казнуваат граѓани и за фрлен отпушок, а насилници и деликвенти се оставаат на мира да сакатат, мачат, убиваат што ќе им дојде на памет? Полиција за животни под итно и затворски казни за мачење и убивање на животните. За оние на кои животните не им се важни потребно е да знаат дека насилството врз животните е само вовед , преодна фаза и секако кулминира во насилство врз секоја друга индивидуа, вклучително и човек!“,додаваат од здружението.

Од МВР соопштија дека се работи на расчистување на случајот и утврдување на одговорноста.

Back to top button
Close