Враќање на авторитаризмот на Балканот во пресрет на 9 Мај?


Србија ангажираше над 3.000 полицајци, ја построи војската и полета српски ловци МиГ – 29 за да го пречека човекот кој во својата земја има „кампови за реедукација“ за малцински групи и опсежна програма за шпионажа и контрола на сопствениот народ, позната како систем за социјален кредит. Иронијата е дотолку поголема ако се има предвид дека Си Џинпинг пристигна во Белград во очи на денот на победата над фашизмот.
За потсетување, на деветти мај се одбележува победа над фашизмот, идеологија која се залагаше за целосна контрола над народните маси, маргинализирање на неистомисленици и нивно истребување, концентрација на моќта кај мегаломански лидери и диктатура. Деветти мај е синоним за слободата и демократијата, принципи кои стојат во остар контраст со целосна контрола на народот.
Синоним за фашистичка контрола над Балканот беше ОВРА, организација која Мусолини ја користеше за воспоставување на контрола над антифашистичките групи на Балканот. Агентите на ОВРА опстојуваа на нашите простори како симболи на фашизмот до 1945 година, како бастиони на тоталитарна контрола и противтежа на демократското владеење.
На Деветти Мај се одбележа крај на ваквото владеење а во пресрет на овој празник, на Балканот пристига лидерот на држава која е цврсто поставена во контраст со демократските вредности и принципите на слободата. Замислата за контрола на населението од ерата на ОВРА во Кина е модернизирана со дигитални шпиони, кои имаат задача да го следат и оценуваат кинескиот народ. Така, секоја критика против Комунистичката партија на Кина може да резултира со санкции за критичарите, од забрани за патување до неможност да ги школуваат своите деца. Аргументацијата дека тоа е внатрешен проблем за Кина а не за Европа потенцијално паѓа на глуви уши, ако се има предвид дека ваквата идеа би можела да се прошири и на Балканот, секако со помош на трговски договори кои ни носат „паметни“ градови под кинеско покровителство. Потенцијалната експлоатација на кинеска инфраструктура за потенцијална контрола на балканските народи, барем во теорија, е во чиста спротивност на духот на 9 Мај.
Пред посетата на Белград, кинескиот лидер беше во Париз, каде доби „аманет“ од претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен и францускиот претседател Емануел Макрон – да влијае врз Путин да ја прекине непровоцираната инвазија на Украина. Но колку е реално очекувањето дека Си ќе си го убеди пријателот да ја прекине инвазијата? Дали Кина е подготвена да си ги ускрати приливите од извоз кон Русија, која поради нападот врз Украина е исклучена од остатокот од Светот? Дали на Кина и е здосадено од увоз на евтина руска нафта која би поскапела ако Руската федерација повторно се отвори кон Европа и другите земји кои се приклучија кон санкциите? Додека разумни одговори на овие прашања ги испраќаат очекувањата на вон дер Лајен и Макрон во земјата на чудата, евидентно е дека посетите на Си веројатно имаат поинаква мисија – трговија. Факт кој го индицира овој заклучок е 400-члената кинеска делегација која во Белград потпишува повеќе од 30 договори.
Дел од македонската јавност, на чело со слободно прогласени експерти, најверојатно ќе гледаат со завист кон ваквата постапка, инсинуирајќи дека и нашата држава може да соработува со кинеските власти единствено на економски прашања, заобиколувајќи ја видно авторитарната компонента на кинескиот комунизам. Спротивно на ваквите „анализи“ се информациите за кинески „кредитни стапици“ во кои веќе западнаа балкански држави како Црна Гора. Според европските економисти, клучната поука од црногорската несреќа е следнава: Кога Кина предлага „вин-вин договор“, Пекинг се цели да победи два пати. Ваквата победа Пекинг ја остварува со договори кои според вистинските аналитичари (наспроти самопрогласените) предизвикуваат зависност на договорената земја од кинеските услуги: од работници до материјали. Конечниот производ е нешто што наводно дури и во Кина дискретно се нарекува „градба од тофу“ поради начинот на кој се распаѓа. Сите спорови, барем во случајот со Црна Гора, се решаваат на кинески суд – кадија те тужи, кадија те суди.
Сето ова стои во остар контраст со принципите на слободна трговија и владеење на правото, доближувајќи ја ваквата соработка кон авторитаризмот наместо кон демократијата. Дополнително, една од клучните лекции од Деветти Мај е дека во авторитарен систем, поделбата меѓу идеологијата, политиката и економската соработка е речиси непостоечка. Останува да се види дали Балканот ќе се потсети на ваквите лекции и на симболиката на Деветти Мај, додека го пречекува доживотниот лидер на најголемата комунистичка држава под слоганот: „Добредојдовте почитувани кинески пријатели“.

Back to top button
Close