Вработен во ДЗР полагал за Димитровска да добие безбедносен сертификат. Второ обвинение за екс председателката на ДКСК по обвинувањето за Адитив
Татјана Димитровска, која досега е осомничена за оддавање службена тајна во предметот „Адитив“, доби дополнителен обвинителен предлог од Обвинителството за гонење на организиран криминал – дека вработен во Државниот завод за ревизија полагал испит за класифицирани информации во нејзино име

Ново обвинение е покренато за претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Татјана Димитровска, која се гони за оддавање на службена тајна.
Димитровска, која досега е осомничена за оддавање службена тајна во предметот „Адитив“, доби дополнителен обвинителен предлог од Обвинителството за гонење на организиран криминал – дека вработен во Државниот завод за ревизија полагал испит за класифицирани информации во нејзино име.
„Таа преку својот службен телефон и апликациите Viber и WhatsApp му давала податоци на обвинетиот за поведени постапки, за отворање на предмети против сега обвинетите правни и физички лица во предметот „Адитив“, службени белешки за отворање на предмет и распределба на член на ДКСК, одлуки по истите, како и податоци за проверка на имот на обвинетиот и на неговото семејство. Со своите дејствија таа открила податоци што согласно закон се сметаат за службена тајна и чие откривање може да има штетни последици како за службата, така и за постапките што се водат пред ОЈОГОКК“,соопшти денеска Обвинителството.
Ново е што, дополнително, на претседателката на Антикорупциска ѝ се става на товар дека обезбедила сертификат за положен испит за класифицирани информации со помош на новообвинето лице.
„На истата обвинета ѝ се става на товар и дека со цел да добие Сертификат за положен испит, во август 2024 година од службениот телефон преку апликацијата Viber на третообвинетиот – ревизор во ДЗР, му испратила компјутерски податоци – логови за пристап на електронски систем за обука на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации. Третообвинетиот од службениот електронски уред на Државниот завод за ревизија пристапил од нејзината електронска адреса и во име и за нејзина сметка го положил тестот за класифицирани информации. Сертификатот за успешно завршување на курсот за класифицирани информации издаден од страна на Дирекција за безбедност на класифицирани информации второобвинетата го употребила како вистински компјутерски податок и врз основа на него ѝ бил издаден безбедносен сертификат за пристап до национални класифицирани информации со степен Државна тајна“,стои во денешното соопштениет на Обвинителството.
Со поднесените обвиненија, Обвинителството доставило и посебен предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот за злоупотреби поврзани со предметот „Адитив“.
За обвинетиот ревизор кој полагал во име на претседателката на ДКСК предложени се мерки на претпазливост – привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање и забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со второобвинетата.
По одобрување на обвиненијата обвинителството ќе побара спојување на постапката со предметот „Адитив“.