Вработените од „Паркови и зеленило“ добиле ветување дека во текот на денот ќе им биде исплатена септемвриската плата
Вработените од „Паркови и зеленило“ очекуваат во текот на денот да ја добијат септемвриската плата и здравствено осигурување. Вакво уверување добиле од директорот на претпријатието.

Претседателот на Гранковниот синдикат на државна администрација Горан Ристески во изјава за МИА вели дека оствариле средба со директорот на која им било кажано дека се очекува да бидат префрлени пари од Град Скопје и „Водовод и канализација“ кои ќе бидат наменети за исплата на плати за вработените.
Од страна на синдикатот било укажано дека додека не биде исплатената платата, ќе продолжат да протестираат секој ден во исто време и на исто место.
– Обврска на менаџментот на „Паркови и зеленило“, согласно колективниот договор, е да исплаќаат и јубилејни награди, регрес за годишен одмор, отпремнина за пензија и надомест за починат член на семејството, но тоа од 2022 година не се случило, посочува Ристески.
Засега, одлуката за штрајк, како што изјави, останува во мирување се додека не се исцрпат сите правни механизми што им стојат на располагање за мирно решавање на проблемот. Како што изјави Ристески, се подготвуваат да го решаваат проблемот со арбитража.
					





