Вработените во Филхармонија со протестни црвени ленти на концертот „Звукот на новата генерација“

Музичарите од оркестарот на Македонската филхармонија и на синоќешниот концерт „Звукот на новата генерација“ носеа црвени ленти во знак на протест, бидејќи, како што велат од Филхармонијата,  Министерството за култура се уште не ја променило одлуката за просторно сместување на втора институција во концертната сала, наменски изградена да ги задоволи потребите на единствениот симфониски оркестар во земјата.

Од Филхармонијата најавуваат дека нивниот протест ќе продолжи се до конечната промена на одлуката.

-Вработените во Филхармонија протестираат веќе три месеци, а Министерството за култура  молчи и целосно ја игнорира нашата борба. Со игнорирање на проблемите не се намалува штетата, напротив уште повеќе се продлабочува. Со негирање и непочитување на најважните институции од културата, државата покажува каков е нејзиниот однос кон традицијата и трајните вредности создавани со децении од генерации уметници кои животот го оставиле на сцената, се вели во денешното соопштение од Филхармонија.

Оттаму најавуваат дека протестите на вработените ќе продолжат и следната недела, пред Владата на РСМ. 

Back to top button
Close