Вработените во Инспекторатот за употреба на јазиците пет месеци немаат добиено плата, бараат средба со премиерот

Вработените во Инспекторатот за употреба на јазиците денеска на прес-конференција информираа дека пет месеци немаат добиено плата и се оставени без здравствено и пензиско осигурување. Тие бараат средба со премиерот, министерите за финансии и правда, како и со претседателот на Собранието, со цел да се реши ова прашање.

Во Инспекторатот за употреба на јазиците има вкупно 17 вработени.

-Ова не е само финансиска криза, туку сериозно и систематско кршење на нашите човекови и уставни права. Согласно членот 32 од Уставот, секој вработен има право на соодветна заработувачка. И покрај ова јасно загарантирано уставно право, ние половина година не сме добиле надомест за нашата работа. Освен тоа, оставени сме и без здравствено и пензиско осигурување, што дополнително ја загрозува нашата безбедност и безбедност на нашите семејства. Оваа состојба не доведува во ситуација на социјална несигурност, егзистенцијална борба и апсолутно понижување и трудот и достоинството на работникот, изјави Фитим Рамадани, виш инспектор, вработен во овој Инспекторат.

Како што посочи, нивните барања се јасни и легитимни.

-Ние сме луѓе кои секојдневно работат, даваат резултати и го движат системот напред. Нашите барања се јасни и легитимни. Итно исплаќање на заостанатите плати, повторно активирање на здравственото и пензиското осигурување, обезбедување на трајно и одржливо решение за да не се повтори оваа состојба, како и нормално функционирање на Инспекторатот, додаде Рамадани.

Тој бара од премиерот, во координација со министерката за финансии, министерот за правда и претседателот на Собранието, да најдат законска можност за исплата на неисплатените плати на вработените во Инспекторатот. Како што дополни, оваа борба нема политички мотиви.

Најави дека следиот чекор е можно да биде протест на вработените.

На новинарско прашање дали до сега оствариле средба со некого од Владата, Рамадани одговори дека имаат испратено писмено барање за средба, но до денес немаа добиено одговор.бт/са/

Back to top button
Close