Вработените во Поштa вo петок ќе добијат плата за септември, протестот ставен во мирување

Покрај исплатата на септемвриската плата, на средбата меѓу министерот за траспорт и врски Бочварски и директорот на АД Поштa, Васко Стефанов, со претставници на синдикалните организации при АД Поштa било договорено Поштa да направи план за намалување на непродуктивните расходи, рационализација согласно препораките на Владата, Управниот одбор да започне со изготвување на нова систематизација и нова реонизација за максимална продуктивност на вработените, a Министерството за транспорт и врски да достави информација до Владата и на наредната владина седница да стави точка на дневен ред со која се дава задолжение до сите државни институции да ги користат услугите на АД Поштa

Вработените во АД Поштa плата за септември ќе добијат најдоцна до петок, 28 октомври, било договорено на денешната средба на министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на АД „Поштa на Република Северна Македонија“, Васко Стефанов, со претставници на синдикалните организации при АД Поштa придружувани од претседателот на Сојузот на Синдикати на Македонија (ССМ).

На средбата, како што информираат од Министерството за транспорт и врски, се разговарало за тековните состојби во Поштa и за барањата на синдикалните организации.

„На средбата, министерот Бочварски ја потенцираше поддршката од страна на ресорното Министерство и Владата и посочи дека само со заеднички заложби на сите инволвирани страни ќе можат да се подигне квалитетот на поштенските услуги во насока на повторно стекнување доверба кај граѓаните во АД ‘Поштa на Република Северна Македонија’“ стои во соопштението за средбата.

Од состанокот произлегле и неколку обврски и иницијативи на кои се согласија синдикалните организации.

„Исплатата на плата за месец септември да биде извршена најдоцна до петок, 28 октомври, а платите за наредните месеци да бидат исплатени во законски предвидениот рок; Министерството за транспорт и врски се обврза да достави информација до Владата и на наредната владина седница да стави точка на дневен ред со која се дава задолжение до сите државни институции да ги користат услугите на АД Пошти на Република Северна Македонија, согласно измените во Законот за поштенски услуги; Се задолжува АД Пошта на Република Северна Македонија да направи план за намалување на непродуктивните расходи, рационализација согласно препораките на Владата; Управниот одбор на АД Пошта на Република Северна Македонија ќе започне со изготвување на нова систематизација и нова реонизација за максимална продуктивност на вработените; Владата на Република Северна Македонија ќе го следи целокупниот процес на реорганизација, рационализација и оптимизација на работењето на АД Пошта на Република Северна Македонија, процес кој ќе започне веднаш и ќе трае до 31 декември 2022 година; Владата на Република Северна Македонија ќе препорача на Агенцијата за пошти да продолжи со надзор и контрола на поштенскиот пазар над правни субјекти кои немаат добиени општо овластување за обезбедување на поштенски услуги издадено до Агенцијата за пошти“ се наведува во соопштението.

По денешниот договор и договорените обврски и иницијативи протестот на вработените во Пошта се става во мирување, а засегнатите страни „се обврзуваат на взаемна поддршка за почитување на обврските“.

Вработените во Пошта на 19 октомври почнаа предупредувачки протест за време на паузите барајќи исплата на септемвриската плата. Предупредувачките прекини на работа се одвиваа за време на паузата во времетраење од половина час, со цел корисниците на нивните услуги да не бидат оштетени.

Вработените во Пошта од денеска почнуваат предупредувачки прекин на работата поради неисплатените плати за септември

Доколку не добијат плата, вработените најавија протест пред Владата, кој според тогашните најави требаше да се одржи на 29 октомври.

Back to top button
Close