Вработените во РКЕ: Нападот врз Бислимоски го сметаме како притисок врз нашето работење

Вработените во Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги го осудија нападот врз претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.

Тие го сметаат нападот како директен атак и притисок врз работењето на РКЕ и велат дека таквото нецивилизирано и дивјачко однесување на напаѓачот, кој е учесник на енергетскиот пазар, во 21. век е недозволиво особено за земја аспирант за влез во ЕУ.

„Физичкиот напад врз Претседателот Бислимоски го сметаме како директен напад и притисок врз работењето на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија, но и врз системот на регулирањето на енергетските пазари во Република Северна Македонија кој е воспоставен и успешно функционира од 2003 година. Ваквото нецивилизирано и дивјачко однесување на учесникот на енергетскиот пазар во 21-от век е недозволиво особено за нас како земја аспирант за влез во ЕУ“, се наведува во отвореното писмо на вработените во РКЕ.

Тие велат дека Бислимоски помеѓу своите колеги важи за голем професионалец, без ниту една дамка во своето работење и човек спремен секогаш и секому да помогне.

„Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија постапувала и ќе постапува во согласност со законите, а врз основа на начелата на објективност, транспарентност и недискриминација, со примена на најдобрите меѓународни искуства и практики. Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија три последователни години е прогласувана за најдобро регулаторно тело во рамки на Енергетската заедница и ниту еден ваков недоличен настан не смее да го загрози интегритетот и угледот ниту на Претседателот, ниту на институцијата“, се наведува во писмото.

Вработените бараат надлежните институции да ги преземат сите законски мерки кои се во нивна надлежност и сторителот на ваквото дело најстрого да го санкционираат.

Беслимоски пред два дена беше нападнат од Аријанит Џафери, син на поранешниот министер и вицепремиер Муса Џафери, во ресторан во Дебар Маало. Нападот се случи неколку минути пред 12 часот и е пријавен во полиција. Пред нападот врз Беслимовски претходела расправија поради незадоволството на Џафери што Регулаторна комисија започнала постапка за одземање лиценца на неговата фирма.

Back to top button
Close