Вработените во скопската зоолошка градина бараат најстроги казни за трујачите на трите коња
Откако обдукцијата покажа дека коњите биле отруени со брзоделувачки отров, од раководството на зоолошка соопштија дека се поднесени кривични пријави и се трага по сторителот. А, на социјалните мрежи се огласија повеќе вработени меѓу кои и портпаролката Тина Мицковска која напиша:
„Да скапаат во затвор монструмите! Малце е и тоа за вакви болни умови…“ –, а во коментарите додала и дека се сомнева оти чинот го направиле бивши вработени.
-„За да се отрујат коњите на таков начин, не е возможно посетител или некој обичен вработен да го направи тоа (вработени кои би изгинале попрво за животните) Ова е мое лично мислење, а имаме бивши вработени со медицински познавања и пристап до отрови, па не би ме чудело ова да е одмазда кон сите нас што ги сакаме животните, на сметка на тие што земале плата, а мразеле животни… Верувам истрагата ќе покаже се и ќе се докаже кој стои зад ова монструозно дело..“ пишува Мицковска.
Од МВР велат дека се преземаат мерки за веќе добиените пријави.
Професорот Трпе Ристовски кој ги правел анализите за Канал 5 објаснува дека кољите биле негативни на анализите за вирусни болести и бактерии, а отровот предизвикал оштетување на белите дробови, како и бубрезите и цревата. Ристовски и ги отфрла шпекулациите во јавноста дека изворот на труењето може да биде и самата храна која им се служела доколку не била соодветно чувана.
„Тие скоро и да немаа некои знаци, тоа толку брзо делувало, а додека кај третиот кај кого се појавува акутен процес, кај првите два нема просторм, време за проимени, а кај третиот промени во желудник и црева, но сепак заедничко кај сите три беа промени во бели дробови, а кај трет веќе крварење, срце. Кога е храна во прашања најчесто тоа е дигестивен систем, има промени на црева, желудник, а тука особено кај првите два коња немаше промени во тие органи.“ вели проф. Трпе Ристоски од Институтот за ветеринарна медицина
Инаку мачење на животни е кривично дело, за што е предвидена парична казна или затвор до шест месеци.
Овој случај во МВР беше пријавен од страна на вработен во Зоолошката градина.
Трите коњи во скопската Зоолошка градина починаа за рекордни два дена, а беа од редок и скап вид со потекло од Монголија.