Врачени највисоките признанија на Струшки вечери на поезијата

Словачкиот поет раскажувач, есеист и преведувач Иван Штрпка вечерва на Мостот на поезијата во Струга го прими највисокото признание „Златен венец“ за 2025 година на 64-тото издание на меѓународната манифестација Струшки вечери на поезијата.

На меѓународниот поетски митинг „Мостови“ беа врачени и наградите „Браќа Миладиновци“ за 2025 година за најдобра поетска книга меѓу две фестивалски изданија на Струшките вечери на поезијата на македонски јaзик на поетесата Јулијана Величковска за збирката „Рајсфершулс“ и „Мостови на Струга“ што УНЕСКО и Струшките вечери на поезијата го доделуваат за најдобар поет-дебитант на Матеуш Шимчик од Полска за книгата „Потребни се извори“.

Pокрај добитниците на фестивалските признанија, на поетскиот митинг стихови читаа и поети од разни страни на светот, а поетска Струга по 64-ти пат блесна во сиот свој сјај.
Манифестацијата почна во четвртокот со традиционалното садење дрвце во Паркот на поезијата во чест лауреатот и палење на фестивалскиот оган во Домот на поезијата.

Според фестивалската програма, во рамките на „Поезијата на пат“, утре во Кавадарци ќе биде промовирана панорама на македонската винска поезија „Дионис и Свети Трифун“.

Back to top button
Close