ВРЕДИ: Али Ахмети, дијаспората заслужува одговор – со каков договор ја предаде?
„По долго молчење, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, конечно реши да проговори. Да се каже дека „пописот бил во рамките на договорите“ не претставува само јавно признавање на одговорност, туку и шокантен доказ за политичките пазарења направени на грбот на албанската дијаспора. Оваа изјава не е објаснување, туку скандал“ соопштија денеска од ВРЕДИ.
Бараат Али Ахмети јасно да одговори: „Со кој договор? Со кого беше постигнат? Во чие име? Дали тој договор значеше бришење на албанската дијаспора од официјалните регистри? Ако е така, тогаш тоа мора јавно да се признае. Дијаспората заслужува одговор, а одговорноста е неизбежна“.
„ВРЕДИ ќе продолжи да го крева гласот за правата на секој Албанец, во земјата и во дијаспората. Дијаспората не е бројка што може да се избрише, туку срцето што ја одржува живa економијата и надежта на оваа земја. Ние го цениме нивното жртвување и сме решени да не дозволиме ниту една политичка измама да го негира нивниот придонес“ стои во партиското соопштение.