„Вреди“ ќе има седум заменици-министри – Ељфете Исмаили во Одбрана, а Фљакрон Беџети во Земјоделство
Коалицијата „Вреди“ ќе има седум заменици-министри во Владата. На Алијансата за Албанците му припаѓа местото заменик-министер во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и во Министерството за одбрана. На другите партии од нашата коалиција им припаѓаат Министерството за транспорт и врски, Министерството за внатрешни работи, Министерството за спорт, Министерството за образование и наука и Министерството за култура и туризам. Заменик-министерка во Министерството за одбрана ќе биде Ељфете Исмаили, а заменик-министер во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство Фљакрон Беџети, изјави министерот за здравство Арбен Травари, по средбата со деканот на Медицинскиот факултет проф. д-р Светозар Антовиќ.
Претходно, и другите три партии од коалицијата „Вреди“ ги соопштија имињата на предложените кандидати за заменици-министри.
„Беса“ го предлага Седат Сулејмани за заменик-министер во Министерството за култура и туризам. „Алтернатива“ ја презеде функцијата заменик-министер во новото Министерство за спорт, каде што ја предложија поранешната пратеничка Сафие Садики Шаини, а за заменик-министер во Министерството за образование и наука беше предложен проф. д-р. Љуљзим Аљиу. Демократското движење на Изет Меџити има двајца заменици-министри и тоа во Министерството за внатрешни работи е предложен Муамет Амети и за Транспорт и врски – Каљтрина Зеколи.
ЗНАМ – За наша Македонија вчера едногласно ги утврдила кандидатите за двајца заменици-министри во Владата – за заменик-министер за енергетика и рударство е предложен Мирослав Лабудовиќ, магистер по електротехника и информациски технологии, кој има работно искуство во неколку корпорации на различни позиции, а за заменик-министер за дигитална трансформација од ЦО на ЗНАМ е предложен Радослав Настасијевиќ Варџиски, магистер по економски науки, отсек маркетинг и менаџмент, роден во Куманово каде што извршувал неколку функции во Општината.
Како што информираа партиите, новите заменици-министри се очекува да се изгласаат по враќањето на премиерот Христијан Мицкоски од САД, односно од 20 до 23 јули.