„Вреди“ и ДУИ меѓусебно се обвинуваат дека ќе му ги предадат Кичево и Струга на ВМРО-ДПМНЕ

„Вреди“ обвинува дека отстапувањето на локалната власта во двата града било дел од понудата на ДУИ кон ВМРО-ДПМНЕ за влез во власта, а ДУИ возвраќа дека „вазалите“ од „Вреди“ почнале да ја подготвуваат јавноста за тоа

Коалицијата „Вреди“ и Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска се обвинуваат за отстапување на локалната власт во Кичево и во Струга на ВМРО-ДПМНЕ.

 

Прво „Вреди“ излезе со информација дека наводно дел од понудата на ДУИ за да биде вклучена во Владата на премиерот Христијан Мицкоски било поставување градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ во овие два града.

„Ние како коалиција ‘Вреди’ го повикуваме Али Ахмети вечерва да го искористи партискиот собир во Гостивар, и, да и одговори на јавноста зошто му нудеше на Христијан Мицкоски да влезат во Влада наместо ‘Вреди’ со четири министри, без Претседател на Собрание заедно со гаранции дека локалните избори догодина ќе одработат неговите кандидати Македонци да станат градоначалници на Кичево и Струга“,рече Фари Хисени од „Вреди“ на денешната прес-конференција.

Од коалицијата додаваат дека ДУИ има обврска да одговори дали сака Албанците да ги претвори во штит, за да ги спасат нивните корумпирани поранешни функционери и членови на нивните семејства.

Според „Вреди“, опозициската ДУИ има уставно загарантирано право да организира собири за храбрење на членството, но, како што велат, тие нема да дозволат партијата „со лаги и манипулации да се обидува да креира незадоволство кај Албанците“.

„Ние знаеме зашто ги форсираат овие приказни за наводно загрозен легитимет и наводно намалена застапеност на Албанците во институциите. Затоа што сакаат да ги сокријат трагите за сопствените гревови. Но, ние сме тука за да зборуваме за вистината“,додаде Хисени.

Во одговорот на ДУИ испратен преку соопштение, пак, се вели дека „Вреди“ се тие што почнале да ја подготвуваат јавноста за предавање на Кичево и на Струга.

„По воспоставувањето срамно вазалство кон ВМРО-ДПМНЕ на отфрлените Албанци и избраницина Мицковски, откако Министерството за Охридски договор им го предадоа на Путиновиот Стоилковиќ и на Димов на Ѕинго, по заменувањето на сè албанско со македонско и намалувањето на правичната застапеност за пет отсто со невидена одлука, веќе почна да го подготвува јавното мислење да ги даде Кичево и Струга“,одговори ДУИ.

Од партијата додадоа дека со тоа „се поминуваат црвените линии“ и дека коалицијата „ќе се соочи со отпорот на народот и на секој Албанец“.

“Ова е сериозно нарушување на достигнувањата и достоинството на Албанците и таквиот чекор нема да помине без силен одговор. Ќе останеме обединети и решени да ги заштитиме интересите и достоинството на албанскиот народ“,додадоа од ДУИ.

 

Back to top button
Close