Време на нова надеж

Почитувани читатели, во денешнава колумна посветена на Еуростандард банка, ќе се осврнам на изборните циклуси на претседателски и парламентарни избори, кои не само за мене, туку на сите граѓани од Република Македонија им отвара надеж дека државата дефинитивно ќе тргне по вистинскиот пат, со отворена и непопустлива борба против организираниот криминал и корупција.

Граѓаните на Република Македонија, очекуваат промени кои треба да донесат просперитет на секој поединец и на целата држава.

Очекувам дека победничките политички партии на овие избори ќе застанат зад очекувањата на нас граѓаните, дека дефинитивно во Македонија правниот систем и правдата ќе добијат виделина.

Многумина како мене се свесни дека вистинската борба против организираниот криминал и корупција се силен и мошне опасен предизвик за поединците кои ќе се зафатат со оваа борба.

Во Македонија треба да проработи вистинскиот Елиот Нес, познат лик од историјата на Соединетите Американски држави, кој во раните 30-ти години од минатиот век застанал силно против организираниот криминал и корупција. Го сакам Елиот Нес со дела, а не со фотографии.

Почитувани читатели, блиску полни 4 години пишувам, водам приватна истрага, издадов книга со мои колумни за неправдата која ми ја нанесе мојата Македонија.

Молкот и натаму царува, на дневна база ги повикувам сите чинители и извршители на овој грозоморен чин да ме осудат доколку грешам.

Не се плашам од вистината, не се плашам ниту за животот свој. Неправда органски не поднесувам, не само кон мене туку кон секој поединец во нашава држава. Не поднесувам да бидам деградиран и уништен од мојата татковина, бидејќи јас сум вложувал во неа и нејзиниот просперитет. Сум давал согласно моите можности и разбирања, ама тоа што сум го дал, сум го дал со љубов, без да очекувам нешто за возврат.

Така ја сакам мојата Македонија.

Па може ли во сериозна држава да се дозволат таква нискост, да се руинира човек кој не само што е најголем донатор во Република Македонија во сите сфери на нашето живеење, туке е и човек кој си ја сака својата држава и своите сограѓани.

Гарантирам, пред сите мои пријатели и непријатели, дека никогаш немам посегнато по туѓо. Во животот сѐ што сум стекнал, е исклучиво мое, стекнато на чесен и достоинствен начин, со огромна благодарност до моите родители, моите учители, учителки, професори, професорки, моите директори и фирми, моите пријатели и соработници во Полска, Швајцарија, Австрија, Русија, Украина, Чешка, Словачка, кои ме изградија како личност со занает врака.

Во сите овие погоре наведени земји останав запаметен и респектиран како редок стопанственик, професионалец и хуманист.

Почитувани читатели, нашата Македонија се наоѓа во мошне сериозна состојба кога е во прашање организираниот криминал и корупција.

Мора категорично да се справиме со ова општествено зло за да можеме да тргнеме по вистинскиот пат .

Ние граѓаните сакаме модерна Македонија, а базичниот услов за да биде модерна треба да завладеат правото и правдата.

Не смееме да дозволиме грст луѓе да ги владеат институциите од кои зависи развојот на државата и просперитетот на граѓаните.

Столбовите на модерната држава изразени преку законодавната , извршна и судска власт мора да профункционираат во интерес на граѓаните на Република Македонија.

Импровизации со овие три фундаментални институции не смее да постои. Компромис нема со криминалот и корупцијата.

Почитувани читатели, јас ќе продолжам да пишувам колумни за стечајот на Еуростандард банка, бидејќи очигледно дека во стечајната маса на денес насобраните финансиски средства има доволно да се исплатат сите правни и физички лица.

Со крајот на овој месец април требаше да бидат исплатени сите клиенти на банката, меѓутоа овој процес се одолговлекува бидејќи со стечајот на Еуростандард банка се отвори богата „шведска маса” за системски крлежи кои сакаат и понатаму да живеат на туѓа сметка, со туѓ имот и затоа крајните исплати на правните и физички лица се пролонгирани за исплата на есен, бидејќи срамот ќе биде голем.

Јавноста мора да знае дека зградата на Еуростандард банка е отстапена на Фондот за осигурувње на депозити по цена од 2.000 евра по м2. Замислете 2.000 евра по м2 деловен простор во епицентарот на Скопје. Се крчми имотот по ниски цени само со една цел, во стечајната маса на Еуростандард банка да не се влеат поголеми средства.

Јас продолжувам да трагам по правдата, со надеж дека новата извршна, законодавна и судска власт ќе се стават во функција и интересите на граѓаните.

Трифун Костовски

Back to top button
Close