Време на сомнежи

 

За жал, морам да констатирам и со вас да ја споделам мојата констатација, дека сѐ повеќе врз плеќите ни тежат сомнежите и недовребата за нашето општествено опкружување. Сомнежи или опасности кои нѐ демнат самите нас, нашите најблиски, пријатели, но и нашите институции, кои треба да се столб на државата. Дури, и  сомнежи за нашата независност.

Македонија изминува трета деценија од нејзината самостојност и за жал констатирам сомнежот како збор, а уште повеќе како реалност сѐ повеќе навлегува во нашето секојдневно живеење.

Сомнежот датира уште од  времето на бившата СФРЈ кога многумина од нас не веруваа дека Македонија ќе биде самостојна држава. Но, ете, бидна и денеска функционираме како вистинска независна самостојна држава. Меѓутоа сомнежите за тоа каква држава сме и кон каде се стремиме во нашата иднина за жал се присутни и денес.

Анализирајќи го сомнежот како девијантна појава во едно цивилизирано општество, доаѓам до заклучок дека во оваа тридецениска самостојност на Република Македонија, сомнежот станува сѐ посилен и доминантен, зафаќајќи ги сите сегменти од општествениот и личниот живот.

Соочени со секојдневните предизвици, граѓаните во Република Македонија имаат веќе вграден сомнеж дека личната иднина и онаа на државата е доведена во прашање. Кај нас стана практика, посебно кај луѓето кои се во политиката едно да пишуваат друго да говорат, а трето да прават. Секако во вака хаотични нешта од првите луѓе од кои што зависи амбиентот во самата држава вградуваат додатен сомнеж кај секој поединец, бидејќи од досегашната пракса заклучивме дека овие политички врхушки ниту од далеку не ги остваруваат резултатите кои ние граѓаните ги очекуваме од нив.

Сомнежот како аномалија во нашето живеење, станува уште посилен со доаѓање на актуелната партија на власт. И овој период од последните 5 години е исклучиво јака основа за функционирање на оваа девијантна појава. Првиот удар кој се појави во јавноста беа таканаречените бомби објавувани од Господинот Заев за недозволивите дејанија на бившата власт и сакам да потенцирам дека тоа беше можеби иницијалната каписла кај нас граѓаните сомнежот да се смести трајно во нашата потсвест. После бомбите следеше Преспанскиот договор со Република Грција, кој за мене лично беше прифатлив, ама признавам дека не ги познавав сите скриени клаузули во кои што денеска ме претвори од Македонец во Северно Македонец. За ваквата наша жртва очекував реципроцитет од ЕУ, кој за жал не се покажа и денеска сме уште подалеку од утврдувањето на можниот датум за отпочнување преговори со Европската Унија.

Следеше потпишаниот договор со Република Бугарија за добрососедски односи. Овој договор предизвика додатни сомнежи меѓу нас граѓаните дека Владата навистина бдее и води сметка за интересите на Република Македонија и нас, граѓаните. Овој договор нема право да постои бидејќи Бугарија се покажа како најголем наш непријател, негирајќи не нас Македонците како нација со сопствен јазик, традиција и култура. По мене дијалог на тема мојот национален идентитет и јазик не треба да постои. Свежи се сеќавањата за интервјуто на актуелниот Премиер на Владата, Господинот Заев дадено на Бугарската новинска агенција, БГНЕС каде изусти толку небулози што  несомнено не донесе сите нас во незавидна состојба.

Во поново време, наврат-нанос, актуелната Влада го донесе актуелниот закон за попис, кој  веќе е во реализација и буди сомнежи дали навистина се работи за статистички податоци или за политички поени.

Врв беше минато-неделната меѓувладина седница меѓу Македонија и Косово одржана во Скопје каде се потпишани 11 спогодби меѓу кои и спогодба за влегување на воени структури од Косово во Македонија, без ние граѓаните да бидеме известени за вакав спогодба и моравме да дознаеме преку други независни извори.

Почитувани, сите погоре наведени дејанија во изминативе 5 години почнувајќи од бомбите, договорот со Грција во Преспа, договорот за пријателство со Бугарија, Законот за попис и меѓувладината седница на Македонија и Косово во Скопје беа мој личен сублимат на прашањето зошто сомнежот како девијантна појава уште повеќе се вкорени во нашата подсвест? Еднозначно заклучувам дека изворот на овој сомнеж е во лицето Зоран Заев, актуелен Премиер на Владата на Република Македонија.

Убеден сум дека не само јас туку и многумина од нас мислат идентично. Сѐ уште не ми е јасно како може луѓе од ваков маштап да дојдат на вакви истурени позиции и да ја водат државата. Честопати се потсетувам на делото од Радивоје Домановиќ под насловот „Водач”. Констатирам дека токму тоа нам ни се случува, што Господинот Домановиќ го увидел скоро повеќе од седумдесет години. Убеден сум дека ќе ме прашате дали и јас имам вина во ова наше патешествие? Да, и јас сум виновен, меѓутоа едно сум сигурен дека своите грешни одлуки и потези јас ќе ги поправам и првото нешто што ќе го побарам, а се однесува во интересот на сите граѓани на Република Македонија и самата држава е да побарам комплетна оставка од Владата на Господинот Зоран Заев и негово заминување од политичката сцена.

Почитувани, бидете убедени, а сами сте свесни дека во моите ставови јас „ракавици“ не ставам.

Мојата анализа за вградениот сомнеж во нашата потсвест во последните 5 години е втемелена на факти. Не сум човек кој што ќе напаѓа неаргументирано. Убеден сум дека заминувањето на Господинот Заев ќе биде првиот негов правилен потег. Политичари од ковот на Заев не ни се потребни.

На крајот завршувам со наједноставно прашање, а тоа гласи: Како можеме да градиме иднина ако во потсвеста владее сомнежот?

Трифун Костовски

Back to top button
Close