Врховен суд на Косово ги отфрли жалбите на партиите, следи прогласување на изборните резултати

Врховниот суд на Косово ги отфрли како неосновани жалбите на движењето Самоопределување и Ашкалиската демократска партија, со што е отстранета и последната пречка за објавување на конечните резултати од парламентарните избори одржани на 9 февруари.

По одлуката на Врховниот суд, Централната изборна комисија (ЦИК) треба да ги потврди изборните резултати, според кои Самоопределување освои 42,3 отсто од гласовите или 48 пратенички места во 120-членото Собрание.

Демократската партија на Косово со 20,95 отсто од гласовите или 24 пратенички места, додека Демократскиот сојуз на Косово е трет со 18,27 проценти од гласовите или 20 пратенички места.

Коалицијата Алијансата за иднината на Косово и Иницијатива освоија 7,06 отсто од гласовите или осум пратенички места, додека Српската листа ќе има девет пратеници.

По потврдувањето на резултатите, ЦИК ќе ја достави листата на пратеници до претседателот на Косово, кој има најмногу 30 дена да закаже конститутивна седница на Парламентот. По конституирањето на Парламентот почнуваат да течат роковите за формирање на Влада на Косово.

Согласно Уставот на Косово, претседателот прво го дава мандатот за формирање влада на победничката партија, а доколку таа партија не обезбеди најмалку 61 глас во Парламентот, претседателот го дава мандатот на друга партија, а ако и таа партија не го стори тоа, претседателот го распушта Парламентот и распишува избори.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close