Врховниот суд на САД дозволи делумен увид во даночните документи на Трамп

Врховниот суд на САД денеска донесе одлука обвинителството во Њујорк да може да ги добие финансиските документи на американскиот претседател Доналд Трамп, но, барем засега, спречи Претставничкиот дом на Конгресот, во кој мнозинство имаат демократите, да добие увид во тие материјали.

Двете пресуди со седум гласови „за“ и два „против“ ги потпиша судијата Џон Робертс.

Долгогодишната сметководствена фирма на Трамп, „Мазарс ЛЛП“, според пресудата, треба да и предаде различни финансиски документи на големата порота во Њујорк во рамки на кривичната истрага која се води против американскиот претседател.

Меѓутоа, судот не им дозволи на комисиите на Претставничкиот дом, исто така, да можат, врз основа на судски налог да дојдат до даночните документи на Трамп, што претставува краткорочна победа на американскиот претседател.

Спорот ќе продолжи на пониските судови.

Денешната одлука на Врховниот суд, Трамп ја оцени како „политички мотивирана“.

– Сето ова е политички прогон, напиша Трамп на Твитер, нагласувајќи дека тоа е непочитување на шефот на државата и администрацијата.

Трамп е прв претседател на САД, уште од Ричард Никсон, кој одбил јавно да ги објави своите даночни пријави. Неговите адвокати тврдат дека Трамп има целосен имунитет додека е на чело на САД и Конгресот нема никакво оправдување да ги бара тие документи.

Back to top button
Close