Врховниот суд на САД отфрли барање за преиспитување на пресуда за истополови бракови од 2015 година

Американскиот Врховен суд денеска го отфрли барањето за преиспитување на одлуката од 2015 година со која се утврди уставното право на истополови бракови на територијата на целата земја, отфрлајќи ја жалбата на поранешната матичарка од американската држава Кентаки, Ким Дејвис, за поништување на пресудата.
Судиите не дадоа никакво објаснување ниту евидентираа никакво противење на одлуката, која беше донесена во рамките на редовниот список на судски одлуки, објавува „Политико“.
Без натамошно објаснување судиите ја отфрлија жалбата на Ким Дејвис, поранешна матичарка од округот Роуан, Кентаки, која беше тужена во 2015 година за одбивање да издаде брачни дозволи на истополови двојки, наведувајќи ги своите религиозни убедувања, објави Ен-Би-Си.
Нејзиното ново барање, поднесено речиси една деценија подоцна, привлече внимание од јавноста поради стравувањата дека судот би можел да ја преиспита одлуката во случајот „Обергефел против Хоџис“ во кој Врховниот суд во 2015 година утврди дека 14-тиот амандман од Уставот на САД го гарантира правото на брак на истополовите двојки.
Десет дена по пресудата на Врховниот суд, Мур и Ермолд поднесоа барање за дозвола за брак во канцеларијата на Дејвис, но беа одбиени.
Дејвис им кажа дека дејствува „под Божја надлежност“ и ги советуваше да се обидат во друг округ, а двојката поднесе тужба тврдејќи дека им е одземено нивното уставно право да се венчаат.
Откако постојано одбиваше да издаде дозвола и покрај судската наредба, Дејвис помина пет дена во притвор додека двојката потоа доби дозвола од заменик-матичар.
Мур и Ермолд потоа побараа парична отштета за повреда на нивните права, а поротата им додели по 50.000 долари, според Си-Би-Ес.
Дејвис поднесе жалба, тврдејќи дека е заштитена со Првиот амандман, кој гарантира слобода на вероисповед, и не може да се смета за одговорна бидејќи издавањето лиценца би ги прекршило нејзините религиозни верувања.
Апелациониот суд на Шестиот округ го отфрли нејзиното барање, пресудувајќи дека Дејвис не може да се повика на верската слобода бидејќи дејствувала во својство на јавен службеник.
„Во нивниот приватен живот, државните службеници можат слободно да ги изразуваат своите верувања, но кога ја користат државната власт над граѓаните, нивната совест мора да се покори на Уставот“, се наведува во образложението на судиите.






