Врсничкото насилство се зголемува меѓу основците – најчеста цел се поповлечените деџќца, децата со попреченост или од посиромашни семејства
Од канцеларијата на Народниот правобранител велат дека според статистичките податоци, споредено со минатата година, бројот на претставките што биле стигнати до нив повторно се движи околу триесетина што е полошо за разлика од претходната година
Врсничкото насилство од година в година зема сè поголем замав, а особено е присутен во основните училишта, дури и кај деца од второ или трето одделение, а помалку меѓу средношколците. Тимовите на Народниот правобранител при посети на училишта и во разговор со учениците констатирале дека врсничкото насилство често се користи како алатка за прикажување моќ или доминација на некои деца меѓу нивните соученици.
Васка Бајрамовска-Мустафа, државен советник во канцеларијата на Народниот правобранител, вели дека според статистичките податоци, споредено со минатата година, бројот на претставките што биле стигнати до нив повторно се движи околу триесетина што е полошо за разлика од претходната година. Бајрамовска-Мустафа вели дека најчесто станува збор за физичко насилство, но од посетите во училиштата увиделе дека сè уште не се препознаваат другите облици на насилство.
„Состојбата во училиштата во моментов алармира дека многу мора да се вложи во промена. Претставките што ги добиваме покажуваат дека, за жал, врсничкото насилство сѐ уште е присутно и тоа особено во училиштата, а го има и надвор, во парковите. Наместо другарување, користиме насилство“,
рече денеска Бајрамовска-Мустафа во изјава за медиумите во пресрет на 20 ноември – Светскиот ден на детето кога беа претставени и кампања и видео за подигнување на свеста за промовирање на правата на децата и нивна заштита од насилство.
Според податоците од Народниот правобранител, како жртви секогаш се јавуваат или послабите деца, децата кои се поповлечени, многу често децата со попреченост или децата кои потекнуваат од многу посиромашни или недоволно едуцирани семејства.
Бајрамовска-Мустафа рече дека кампањата со која ќе ги посетат училиштата низ државава ги охрабрува сите засегнати страни да се приклучат на, како што рече, „оваа важна мисија за ставање крај на врсничкото насилство и создавање безбедни и поддржувачки заедници“.
Таа вели дека мора да се укаже на штетните последици од врсничкото насилство и децата од мали нозе да се воспитуваат и едуцираат дека конфликтите се решаваат преку дијалог, а не со употреба на сила.
„Клучна е едукацијата и соработката меѓу родителите, наставниците и директорите на училиштата“,додаде таа.
Она на што треба да се работи, како што рече, е доекипирање на стручните служби за да препознаат насилство и како да преземат мерки за заштита. Притоа таа посочи дека довербата во нив е „на најниско ниво“, исто како што е слаба довербата и во класните раководители.
На новинарско прашање што презема Народниот правобранител откако ќе добие претставка за врсничко насилство, таа одговори дека доколку е претставката доволно јасна и ги содржи потребните податоци со кои се потврдува насилство и повреда на правото на детето, се доставува укажување до директорот на училиштето со насока како проблемот да се надмине.
„Во случај кога со претставката не може целосно да се потврдат определени сознанија, тогаш се обраќаме до самото училиште за испитување на претставката, бараме докази, и многу често, речиси најчесто, го вклучуваме и Државниот просветен инспекторат кој согласно надлежностите има обврска да изврши вонреден надзор. И секогаш постапуваат по нашите барања, доставуваат докази и во зависност од утврдената состојба, понатаму преземаме мерки“,додаде Бајрамовска-Мустафа.