Врти-сучи, евро-рускиот газ/с е отпозади

Човек тешко може да се снајде во грамадната дебата што се води околу причините и перспективата на кризата на украинско-руската граница. Тезите се како „подвижна мета“: зависат од тоа дали се води на теренот на моралните аргументи, за принципиелните прашања за украинското право за одбрана (и самоопределување) на државниот суверенитет, за континенталните гео-стратегиски интереси во кои спаѓаат безбедносните и енергетските интереси, за историските нарации или за персоналните симпатии и антипатии кон главните и „помошните“ актери во оваа драма, во чиј центар се наоѓа личноста на самиот руски лидер Владимир Путин (и неговиот домашен политички опстанок), наспроти колоритната колекција од неговите западни противници (и нивните демократски, внатрешнополитички нестабилности) која се движи во распон од Бајден и Џонсон, до Макрон и останатите членови на евро-атлантското сојузништво…

Или сето тоа заедно, протресено и сматено како коктел. Молотов.

Сегашниот државен естаблишмент на Русија, предводен од Путин, отворено смета дека украинската нација и украинската држава се геополитичка измислица создадена како резултат на компликуваната советска империја и нејзините „сфери на интерес“ по Втората Светска војна. Тој минатовековен концепт, со сите импликации од посткомунистичкиот распад на Варшавскиот советски пакт, Русија мисли дека сега е дојдено време да се „редефинира“, милом или силум, како крај на „понижувањата“ (тој список е подолг) што Западот ѝ ги наметна(л) на Русија во последните триесет години. Кој не верува во таквата аргументација ќе треба поинаку да го рационализира и да се соочи со 100-150 илјади добро вооружените руски трупи разместени на границата на Русија со Украина.

Од другата страна се државните аргументи на самата Украина, поткрепени од местимично хаотичната евро-атлантска поддршка на членките на НАТО кои не би „гинеле“ на украинска територија, но со воена опрема, со економска и со дипломатска поддршка би ја помогнале нејзината одбрана. Генерално поедноставено, интелектуално-политичките дебати на Запад повторно поминуваат низ премрежијата на својот „Чемберленски момент“ од 1938 година кога, откако ја прогледаа „низ прсти“ нацистичката анексија на Австрија, со постигнувањето на лажовниот договор во Минхен помислија дека Хитлеровите империјални амбиции ќе ги сопрат на границите на чехословачкиот Судетенланд, со што би се избегнала повторна голема и погубна воена конфронтација со Германија. Разни историски улоги и контексти се променети (Германија, Русија итн.), но принципот, се чини, е сличен.

Она што, сепак, не е слично се токму крвавите воени лекции од минатиот век. Да, и сега многумина тропкаат со оружје (некои на граници, други на прес-конференции), но желбата да го употребат, без разлика на реториката, логистиката и тековните погранични воени вежби, се далеку од решеноста од времето на нацистичката замисла за освојување на Европа и светот. Ако ништо друго, во изминатите седумдесетина години се создаде голема мултилатерална воено-дипломатска платформа што на Европа – дури и со напнатостите на повеќедецениската Студена војна – ѝ го донесе најдолгиот период на мир во нејзината долга конфликтна историја.

Вчера и НАТО и САД ѝ предадоа на Русија писмен документ (на што долго инсистираше Москва, како симбол на некаква почит кон нејзините, макар и очигледно неприфатливи  барања) за тоа како Запад го гледа разрешувањето на оваа криза, а и воопшто на натамошните „рамноправни“ источно-западни односи. Сега „топката“ е во „рускиот шеснаестерец“, имплицираше американскиот шеф на дипломатијата Блинкен, порачувајќи дека Москва треба да реши дали, отприлика, „ќе се тепаме или ќе се мириме“. Неговиот руски колега Лавров го прими предлогот, „борбено“ возвраќајќи дека Русија го задржува правото на мек или тврд одговор.

Колумната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука

Back to top button
Close