Вселувањето во студентски домови трае повеќе од 12 часа, реагираат од УСС-УКИМ
Од УСС бараат итна дигитализација на целиот процес на вселување. Тие сметаат дека со воведување дигитални стандарди времето на чекање драстично би се намалило, а целата процедура би станала поефикасна и потранспарентна
Универзитетското студентско собрание на УКИМ (УСС-УКИМ) изразува сериозна загриженост поради неповолните услови и недоволната организација со кои се соочиле студентите за време на процесот на вселување во државните студентски домови, кој официјално е почнат на 9 септември.
Според соопштението на УСС-УКИМ, најголемите проблеми се забележани во студентските домови „Гоце Делчев“ и „Пелагонија“, каде што дел од студентите биле принудени да чекаат повеќе од 12 часа на температури над 34 Целзиусови степени.
Студентите, додаваат од УСС, заслужуваат достоинствен прием и современи услови уште од првиот ден на нивниот престој во студентските домови.
Од Универзитетското студентско собрание упатуваат барања до надлежните институции да преземат итни мерки за подобрување на условите.
Она што го бараат е отворање на повеќе пултови за преземање на документи, давање поголем временски интервал за подготовка на домовите, како и постојано присуство на претставници од Министерството за образование и наука за мониторинг на процесот.
Од УСС бараат итна дигитализација на целиот процес на вселување. Тие сметаат дека со воведување дигитални стандарди времето на чекање драстично би се намалило, а целата процедура би станала поефикасна и потранспарентна.
УСС-УКИМ, додаваат оттаму, е подготвено да понуди студенти за помош при вселувањето, а исто така повикува на соработка со факултетите за стручна поддршка во дигитализацијата на системот.