Втор ден протест во Аеродром – се бара решавање на проблемот со „Вардариште“
Неколку десетици граѓани со свирежи и со транспаренти со натписи на кои се бара решавање на проблемот со „Вардариште“, втор ден протестираат пред мостот „Киро Глигоров“ кај паркот „Авионче“ во Аеродром.
Граѓаните се собраа на крстосницата на булеварите „Србија“ и „АСНОМ“, а сообраќајот беше во прекин.
„Смрдеата што доаѓа и гасовите што се испуштаат од ‘Вардариште’ прават неподносливи услови за живеење. Сето тоа се одразува врз здравјето не само на возрасните туку и на децата и на генерациите што доаѓаат“,вели еден повозрасен жител на Аеродром што беше на протестот.
Друг негов сосед вели дека жителите на повеќе населби во околината се заложници на 30-ина луѓе што палат на „Вардариште“.
„Ние сме заложници на 30 луѓе што палат таму, континуирано со години сме заложници и никој тоа не го спроведува, да рече, чекај бе, закон бе. Не е тоа само Ново Лисиче и Аеродром, и од другата страна таму Маџари, Хиподром, таа магла, тој облак се шири. Кој може 10 минути да дише од тоа, може награда да добие“,рече тој.
Тие велат дека ќе се собираат секој ден сè додека не видат конкретни мерки за решавање на проблемот со загадувањето од депонијата „Вардариште“.
Инаку, ова е втор ден како жителите на Аеродром и Ново Лисиче протестираат, а незадоволството од смрдеата што со години се шири од „Вардариште“ решија да го изразат откако во неделата по трет пат се случи една третина од Скопје да нема струја поради пожар на депонијата.
Организаторите на протестите преку нивната група на Фејсбук велат дека се залагаат загадувањето на воздухот да стане приоритет на сите надлежни институции и за спроведување конкретни мерки кои ќе се справат со сите сценарија што доведуваат до аерозагадувањето и кои ќе ги заштитат граѓаните од него.
„Нашата цел е една – воздух сега. Немаме намера да поддржиме или нападнеме одредена политичка партија. Имаме намера да ја зголемиме свеста кај граѓаните за состојбата на воздухот, причинителите за негово загадување, позитивните пракси за намалување на истото, иновативни решенија, да ги информираме граѓаните за можностите за акција, за надлежните институции кои се должни да преземат мерки за негово намалување“, велат организаторите.
Оттаму додаваат дека сакаатда посочат каде институциите не ја извршиле својата законски пропишана должност и да бараат одговорност и отчетност од нив.