Втор круг локални избори: Мирно гласање во источниот регион

Осумдесет и три годишниот Панајот Секулов од Кочани денеска го оствари своето право на глас. Чинот на гласање е значаен, но носи и одговорност, смета Панајот.

На оние што ќе ја освојат довербата од граѓаните им порачува да ги решат комуналните проблеми и работите да не ги оставаат за некои идни градоначалници.

Во Кочани за вториот круг се пријавиле 225 граѓани за гласање во домашни услови. Бројката е поголема во однос на првиот круг, но и овојпат гласањето помина без проблеми.

Втор круг за градоначалник ќе има во пет општини од истокот. Во Чешиново-Облешево, Кочани, Македонска Каменица, Пробиштип и Пехчево денеска вкупно гласаа 754 болни и немоќни и 56 ковид позитивни. А можност за гласање имаа и осудениците од штипскиот затвор.

Утре гласачките места се отвораат за останатите граѓани во општините што не избраа градоначалници на 17-ти октомври. На истокот своето право на глас ќе може да го остварат 61 714 граѓани запишани во избирачкиот список на пет општини.

Back to top button
Close