Втора недела штрајк во училиштата и градинките

Штрајкот во училиштата и градинките низ државава на членовите на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) продолжува, поради што втора работна недела нема настава и згрижување на децата. Советот на СОНК  вчера  одлучи да не го прифати предлогот на Владата за 10 проценти покачување на платите со кој би се прекинал штрајкот почнат на 11 април.

– Зголемувањето на платите од 10 проценти во детска заштита, основно и средно образование воопшто не кореспондира со висината на зголемување на минималната плата оваа година и не е соодветна стимулација за враќање на достоинството на професијата, рече претседателот на СОНК Јаким  Неделков на прес-конференција по седницата на Советот на СОНК, чие членство бара зголемување на платите за 18,4 проценти и нивно усогласување со минималната плата.

За СОНК е неприфатливо тоа што добиле  усен предлог за 10 процентно зголемување на платите, односно 95 проценти од синдикалните организации се изјасниле за отфрлање на таквата усна понуда.

 

Неделков пренесе дека членовите на СОНК констатирале дека ваквиот пристап од страна на Владата не води во правец на брзо решавање на проблемот и прекинување на штрајкот. Сепак, како што рече, Советот на СОНК е подготвен да има интензивни и рационални преговори со Владата на кои би се усогласиле спорните прашања и би се потпишала спогодба, како би можело во најкраток можен рок да продолжи воспитно-образовниот процес.

 

Според Неделков, учениците нема да бидат скратени од понудата и можност да надоместат за тоа што сега го имаат изгубено во тек на штрајкот. Предвидена е, појасни, скратена наставна програма со која наставната содржина ќе се реализира во целост во позбиена форма или со поголема динамика.

 

– Имаме искуство, сме работеле и друг пат во такви услови и за време на пандемијата кога наставните часови беа 30 минути, а требаше истата содржина да се реализира во рамки на 30 минути. Досега наставниците имаат изгубено зависи кој наставен предмет, еден, два или три, еветуално пет наставни часа ако е математика или јазик меѓутоа секој од наставниците знаат како тоа да го надоместат, појасни Неделков, одговарајќи на новинарски прашања.

 

Од Владата, пак, во реакција на објавата од СОНК, порачаа дека е неодговорно и покрај понуденото решение за раст на платите во образованието и детската заштита и воспитание да се продолжи со штрајкот и да се руши веќе воспоставениот образовен процес во услови кога се соочуваме со економска и здравствена криза. Оценија дека одбиената понуда за 2500 денари покачување на платата значи дека СОНК ги става личните интереси пред оние на децата.

 

Синдикатот, порача Владата, треба да има верба во институциите, бидејќи и претходно низ партнерски дијалог беше постигнато зголемување на платите на наставниците и на вработените во градинките од 21  процент.

 

-Најдобриот интерес на децата треба да ни е на прво место, бидејќи правото на образование на секое дете е уставно загрантирано право. Учениците треба да се вратат во училиштата, таму каде што припаѓаат. Со продолжувањето на штрајкот и одбивањето на понудата на Владата со која се отвора простор за трајно решавање и подобрување на стандардот на вработените во образованите, ризикот за продолжување на училишната година е особено извесен. Во овој контекст, несериозно е да се ставаат во ризик и да им се прави штета во личниот развој на децата кои треба да го продолжат образованието, да се запишат во средните училишта, да полагаат матура и да се запишат на факултетите во земјава и странство, информираше Владата.

 

Оттаму најавија дека согласно Законот за работни односи и Колективниот договор за основно и средно образование, и за вработените во јавните установи за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст, на вработените кои штрајкуваат ќе им се исплатат само придонесите на платите. Ова, според Владата, произлегува од одлуката на СОНК да организира и одржува генерален штрајк за унапредување на правата на работниците, а во периодот од шест месеци од донесувањето односно зголемувањето на минималната плата. Законската обврска за усогласувањето е шест месеци од донесувањето, односно зголемувањето на минималната плата и Владата, а министерствата и СОНК сѐ уште преговараат во овој законски предвиден рок.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири, претходно во објава на Фејсбук истакна дека губењето на настава во услови како оваа пандемија, кога Владата и тие прават максимални напори да го нормализираат образовниот процес, не оди во прилог никому, најмалку на учениците.

 

– Потребни сте им сега во овој период кога се подготвуваат за продолжување на образованието во средните училишта, за полагање на стручни испити и за државната матура, од што зависи нивната понатамошната образовна иднина и запишување на факултетите во земјава и во странство. Со нарушен образовен процес, сето ова не може да се реализира во предвидените рокови и е на штета на сегашните деветооделенци и матуранти, но и на сите останати ученици, напиша министерот Шаќири.

 

Со апел за прекинување на штрајкот и постигнување договор вчера се огласи и министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, кој ги повика воспитувачите и негувателите да го нормализираат воспитно-згрижувачкиот процес и да ги прифаќаат децата во градинките. Таа потенцираше дека секој изгубен час и ден од наставата оди на директна штета на раниот детски развој, кој е основата за понатамошен развој на секоја индивидуа.

 

– Социјалниот дијалог е единствениот пат да дојдеме до заеднички решенија. Така постигнавме договор за минималната плата и за пензиите, тој е начинот на кој треба да се реши и овој предизвик. Верувам дека интересот на децата ќе биде ставен на прво место. Градинките ќе ги отворат вратите, а преку силен постојан партнерски дијалог кој го продолжуваме со Синдикатот ќе изнајдеме модел со кој се обезбедува и гарантира постојан раст на платите за вработените во градинките, порача министерката Тренчевска.

 

Реакции и пораки за штрајкот и вчера упатија и политичките партии.

 

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ побараа, како што наведоа во соопштение, Владата наместо да им се заканува на наставниците да ги покачи платите согласно барањата на СОНК.

 

-Владата мора да го нивелира коефициентот на сложеност на работните места во образованието со минималната плата и да изврши зголемување на платите, истакнаа од ВМРО-ДПМНЕ.

 

Од владејачката СДСМ, пак, истакнаа дека правото на штрајк е уставно загарантирано, нонагласија дека наставниците треба да се водат и од интересите на нивните ученици.

 

-Наставата мора да продолжи да се одвива непречено, особено поради фактот што зад нас имавме две училишни години во падемија кога учениците следеа онлајн или комбинирана настава. Владата предводена од СДСМ покажа вистинска грижа за образованието како клучен сектор во нашето општество. Тоа се гледа преку зголемените плати кои за четири и пол години ги зголемивме од 3.200 до 6.400 денари, како и преку сериозните инвестиции во подобрување на условите за работа на наставниот кадар,наведоа од СДСМ и апелираа СОНК да го продолжи дијалогот, наставата да продолжи и се најде решение кое е во интерес на наставниците.

Од Владата во петокот соопштија дека се отворени за дијалог за постигнување систем за раст на платите кој нема да биде условен и предизвикуван од штрајкови и незадоволства и со кој ќе се обезбеди модел за раст на платите во јавниот сектор, кој како со договорот за минималната плата, ќе се врзе за порастот на просечната плата и со порастот на трошоците за живот.

 

 

 

 

Back to top button
Close