Вучиќ: Јас сум заменлив, ама за тоа опозицијата треба да победи на избори
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска изјави дека е заменлив, но оти за да се случи тоа опозицијата треба да победи на избори.
Тој рече дека никој нема да ја преземе власта на улица додека не победи на избори.
– Политичката криза беше запрена на избирачките места. Народот политичките проблеми ги решава на избори и тоа е начинот на кој се решава криза. Ова е очајнички обид да се избегне одговорност за лошите резултати, рече Вучиќ во гостувањето на телевизија „Прва“.
Тој рече дека претставниците на листата „Србија против насилството“ се убедувале себеси и ги лажеле своите симпатизери дека ќе победат на изборите во Белград.
– Тие се убедуваа себеси дека им е редот да бидат на власт затоа што им се може. Никогаш не ги признаа изборите, ниту една година, затоа што мислат дека не можат да загубат, а ги потпишаа сите записници од избирачките места, изјави Вучиќ.
Претседателот на Србија изјави дека студентите кои протестираат барајќи да се отвори избирачкиот список се неинформирани, бидејќи „избирачкиот список е јавно достапен“.
– Не живеам за честитки, туку за она за што ќе се зборува за 20, 30, 40 години, рече Вучиќ.