Вучиќ: Додека војната продолжува, Путин нема од каде да стигне до Србија

Прашан за можното апсење на Путин доколку дојде во Србија, Вучиќ рече дека земјата ги има овие обврски бидејќи го прифатила Римскиот статут на Меѓународниот кривичен суд, но додаде дека додека војната со Украина е во тек, рускиот претседател нема од каде да дојде во Србија

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, смета дека одлуката на Меѓународниот кривичен суд да издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин не е „доволно мудра или паметно пресметана“.

Во своето обраќање до јавноста по повод преговорите со Приштина во Охрид, Вучиќ изјави дека оваа одлука ќе има лоши политички последици и лоши последици по човечки животи, што, како што додаде, покажува дека постои голема неподготвеност да се зборува за мир и за примирје.

„Со кого ќе разговарате сега кога го обвинивте за најголемите воени злосторства? Или можеби нема да разговарате, можеби не сакате мир, го чекате поразот на Русија? Дали навистина мислите дека е можно Русија да биде победена за три месеци, шест месеци или една година?“истакна Вучиќ.

Одлуката на Судот во Хаг, според Вучиќ, е донесена за да му се отежне комуникацијата на рускиот претседател, така што секој што би разговарал со него, „би знаел оти Путин е обвинет за најтешки воени злосторства“. Додава дека ова е политичка одлука и дека нејзината цел, меѓу другото, е да ја отежне економската положба на Русија.

Прашан за можното апсење на Путин доколку дојде во Србија, Вучиќ рече дека земјата ги има овие обврски бидејќи го прифатила Римскиот статут на Меѓународниот кривичен суд, но додаде дека додека војната со Украина е во тек, рускиот претседател нема од каде да дојде во Србија.

„Додека војната продолжува, Путин нема од каде да стигне до Србија“рече Вучиќ.

Меѓународниот кривичен суд во Хаг на 17 март објави дека издал налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин. Судот наведе дека Путин е осомничен за воено злосторство илегална депортација на население (деца) и нелегално преселување на население (деца) од окупираните територии на Украина во Русија.

Судот во Хаг издаде налог за апсење на Путин

Судот додаде дека е издадена потерница и за Марија Лвова-Белова, руска службеничка за правата на децата, која наводно била вмешана во депортацијата на деца од Украина во Русија.

Налогот за апсење, според судот во Хаг, може да придонесе за спречување на натамошни кривични дела.

По веста од Хаг, официјална Москва изјави дека одлуките од Хаг немаат влијание врз Русија и дека секој нивни налог за апсење е ништовен зашто земјата не е членка на Римскиот статут на Меѓународниот кривичен суд и нема никаква обврска кон него.

Back to top button
Close