Вучиќ ги одложи сите состаноци, имал тешкотии со здравјето

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, вели дека Вучиќ бил преморен, а стресот и тоа што не спиел навечер придонеле за пад на неговиот имунитет

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ги одложи сите состаноци закажани за денеска бидејќи лекар му препорачал повеќе да одмора и да ги намали дневните обврски, пренесуваат српските медиуми.

Советничката за медиуми во кабинетот на Вучиќ, Сузана Васиљевиќ, вели дека здравјето на претседателот не било добро, но тој ќе се врати на состаноците по пристигнувањето на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

„Здравјето на претседателот не беше во ред, а Урсула фон дер Лајен пристигнува утревечер, а задутре сме со неа во Ниш да го означиме почетокот на работите на новиот железнички коридор. Потоа одиме во Дубаи, а тука се и секојдневните проблеми со Косово, па мораше да паузира. Така одлучивме, односно докторите му предложија да одмори некое време“,изјави Васиљевиќ, пренесува РТС.

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, во изјава за ТВ Хепи вели дека Вучиќ бил преморен, а по падот на неговиот имунитет се заразил со грип.

„Разговаравме до доцна во ноќта. За жал, тој не се одмора, а јас би сакала да одмори уште малку. Тој сега е под страшна напнатост за сè што се случува во Косово. Мислам дека синоќа не спиеше, доби грип. Се разбира, неговиот имунолошки систем ослабна од тие напори и од стресот“, рече Брнабиќ за ТВ Хепи.

Back to top button
Close