Вучиќ и Курти неделава ќе се изјаснат за барањата на голема петорка, можна средба во Брисел

Лидерите на Србија и на Косово неделава треба да се изјаснат за барањата што им ги презентираа членовите на „големата петорка“, пишува денеска Радио Слободна Европа (РСЕ), повикувајќи се на дипломатски извори и додава дека е можна средба меѓу косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ во Брисел пред самитот на ЕУ на 26-27 октомври, јави дописникот на МИА од Белград.

РСЕ наведува дека не се познати конкретните детали за барањата на „големата петорка“ на средбата со Курти и Вучиќ на 21 октомври во Приштина и во Белград.

Повикувајќи се на дипломатски извори, РСЕ додава дека барањата за Косово главно се однесуваат на прифаќање на нацртот за формирање Заедница на општини со српско мнозинство (ЗСО), а за Србија безусловно исполнување на обврските од договорот на патот кон нормализација на односите, вклучително и на Анексот за спроведување на овој договор од Охрид.

Според тие извори, Курти и Вучиќ имаат „само неколку дена“ да се изјаснат дали ги прифаќаат барањата, поради што не се исклучува можноста да се сретнат во Брисел до крајот на оваа недела.

Таа средба и евентуалниот напредок во форма на каков било договор меѓу страните би требало да се обиде да се направи пред самитот на лидерите на земјите членки на Европската унија (ЕУ), кој ќе се одржи на 26 и 27 октомври.

Во случај средбата да се одржи и биде успешна, тогаш во заклучоците на крајот од самитот на ЕУ би се навела и пораката за дијалогот меѓу Србија и Косово.

Во нацртот на подготвените заклучоци, до кои имало увид РСЕ, најостро се осудува „насилниот напад врз косовската полиција“ во Бањска на 24 септември, со очекување дека „сторителите ќе бидат уапсени и брзо изведени пред лицето на правдата и дека Србија целосно соработува и ги презема сите неопходни чекори“.

Косово и Србија се повикани „да продолжат со постојаните напори за деескалација, особено да се одржат нови избори на северот на Косово што е можно поскоро, со активно учество на косовските Срби“.

Во него се нагласува „жалењето за неимплементацијата на Договорот за патот кон нормализација на односите, што лидерите го договорија на 27 февруари во Брисел, анексот за имплементација договорен на 18 март во Охрид, како и другите договори постигнати во дијалог“, а Косово и Србија се повикуваат „да ги спроведат, без одлагање или предуслови“.

-Ова вклучува формирање на Заедница на општини со српско мнозинство (ЗСО), се наведува во нацрт-заклучоците, додавајќи дека „нормализацијата на односите е суштински услов на европскиот пат за двете страни и дека тие „ризикуваат да изгубат важна можност во случај на недостаток на напредок“.

Back to top button
Close